ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

За американска виза отсега се потребни и детали од социјалните мрежи

Стејт департментот од сега бара од речиси сите поднесувачи на барање за американска виза да ги предадат и своите кориснички имиња на социјалните медиуми, стари имејл-адреси и телефонски броеви.

Новите правила важат за речиси сите апликанти за имигрантска и неимигрантска виза.

„Националната безбедност е наш врвен приоритет кога одлучуваме за барањата за визи и секој потенцијален патник и имигрант во САД минува низ темелна безбедносна проверка“, се вели во соопштението на американскиот Стејт департмент.

САД постојано работат на наоѓање механизми за подобрување на процесот на верификација со цел да се заштитат американските граѓани, се вели во соопштението.

Претходно корисничките имиња на социјалните медиуми, старите имејл-адреси и телефонски броеви се бараа само од апликантите за визи за кои беше утврдено дека мора да минат низ дополнителна проверка, како луѓето што патуваа во областите контролирани од терористички организации.

Според АП, се проценува дека годишно имало околу 65.000 апликанти за виза што спаѓаа под оваа категорија.

Се очекува дека промената, предложена во март 2018 година, ќе влијае на околу 15 милиони странци што секоја година аплицираат за виза за влез во САД.

Во новите правила за аплицирање за виза се наведува листа на платформи од социјалните мрежи и барања од апликантите да ги дадат сите профили што ги имале во последните пет години.

Освен историјата на социјалните медиуми, кандидатите мора да ги дадат и телефонските броеви што ги користеле во изминатите пет години, имејл-адресите, а исто така се бара да се даде и статусот на патувањата во странство и депортации, како и да се наведе дали некој од членовите на нивните семејства учествувале во некои терористички активности.

Од овие барања се исклучени само апликантите за одредени видови дипломатски и службени визи.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.