Захарова за посетата на Бајден на Киев: „Лоша претстава“
Посетата на претседателот на Соединетите Американски Држави на Киев е „лоша претстава на провинциски театар“, кажа портпаролката на министерството за надворешни работи на Русија Марија Захарова.
„И криминолозите и психолозите зборуваат слично: злосторникот секогаш го привлекува местото на злосторот. Белата куќа се потруди на светот да му ја покаже вербата во успехот на режимот на (украинскиот претседател Володимир) Зеленски, намерата да му помогне до победничкиот крај. Во реалноста сè личеше на лоша претстава на провинциски театар, осудена на пропаст, за, очигледно, да се додаде малку драма“, кажа Захарова.
Таа истакна и дека за мир во украинскиот конфликт е неопходна политичка волја на Западот и Киев, но дека Москва тоа засега не го гледа.
„За што побрз мир е потребна политичка волја на Западот и на неговите штитеници во Киев. А ние тоа засега не го гледаме“, кажа Захарова.
Американскиот претседател Џо Бајден допатува во понеделникот во ненајавена посета на Киев. Спротивно на вообичаената пракса, американската влада не ја извести јавноста за таа посета, а претставниците на Белата куќа повеќе пати демантираа дека Бајден планира да оди во Украина.