“Замрзни – одмрзни” цени

Одмрзнувањето на цените нема да го почувствуваат функционерите со повисоки плати од 78%, граѓаните ќе бидат тие кои што ќе настрадаат од потегот на Владата вели професорот, Бранимир Јовановиќ.
Според него, цените требаше да останат замрзнати уште некој период за да може да се види ефектот.
„Се согласувам јас дека мерките што ги донесе владата беа погрешни ама тоа не значи дека единствената добра мерка што ја направија изминативе неколку месеци треба да ја укинат. Јас го разбирам револтот од населението, сосема оправдан, Владата не смееше да си ги покачи платите 70-80% посто во ситуација кога одбива да го направи тоа со другите луѓе. Сега сето она што се случува со Бехтел и Енка е исто така погрешно, ама тоа не значи и дека цените треба да се одмрзнат. Затоа што ако се одмрзнат цените тие кои што ќе страдаат од тоа се луѓето, обичните луѓе што купуваат леб леб што ќе бид епоскап од 33 денари, обичните луѓе ќе купуваат млеко, зејтин а функционерите ќе си поминат неказнето, односно нема да го забележат одмрзнувањето.“ – вели професорот Јовановиќ.
Во континуитет гледаме дека владата е нестабилна во одредени даночни политики, тоа секако може да има влијание кај бизнисмените по повод одмрзнување на цените да очекуваме дури и благ скок вели поранешната заменик министерка за финансии, Гордана Димитриеска -Кочоска.
„И во пракса ние имавме ситуации кадешто на пример се направи замрзнување на одредени производи, конкретно на пример на белиот леб, па кога ќе влезевте по маркети можевте да забележите дека бел леб по рафтови нема. Значи количински не беше произведени толку колку што претходно произведувале тоа сигурно се должеше на фактот дека производството на тој конкретен прозивод било со загуба. Сега тука може да очекуваме одредени корекции нагоре“, вели Гордана Димитриеска-Кочоска поранешна заменик министерка за финансии.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи вели дека нема услови да се зголемат цените на производите по одмрзнувањето, но дека ќе се реагира ако има потреба.
„Сите предуслови за да останат цените на исто ниво, а можеби дури и да бидат помали се направени, сите претходни услови што беа креирани за да се зголемат цените сега ги нема, а електричната енергија не е на цената на којашто беше.“- вели Битиќи.
Професорот Јовановиќ реплицира дека ризикот од зголемување на цените по одмрзнување постои.
„Дефинитивно постои ризик од тоа дека цените ќе се покачат сега откако ќе бидат одмрзнати затоа што тоа го видовме лани. Лани кога ги одмрзнаа цените по само 3 месеци замрзнување тие многу скокнаа истото очекувам тоа да се случи и оваа година, прекраток е периодот за да замрзнувањето на цените има ефект.“ – вели професорот Јовановиќ.