Заложбите за деескалација на односите се само декларативни – Бугарија ќе бара безбедносни гаранции за сите што ќе дојдат на гробот на Делчев на 4 февруари
Декларативно, се залага за деескалација во односите со Македонија, но остро ги напаѓа македонските институции велејќи дека не си ја извршуваат функцијата. Техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков ќе бара уверување дека македонските институции ќе ги заштитат Бугарите во Македонија. Тоа ќе биде и главна тема во разговорите со македонските власти и тука ја гледа можноста за намалување на тензиите.
Но, не ги поштеди од критика и македонските власти и нивната оценка дека повлекувањето на бугарскиот амбасадор е неумерен потез.
„Ова не е случајно избрано решение или решение само на ниво на МНР. Ова е национален одговор и сметаме дека е правилен, но ако сметаат дека е непропорционален тогаш не ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата. Но, начинот на кој реагираме со повикување на амбасадорот на консултации го одразува нашето убедување дека ситуацијата отиде предалеку и дека таква мерка е неопходна“, вели Николај Милков, технички министер за надворешни работи на Бугарија.
Весела Чернева, советник за надворешна политика на поранешниот премиер Кирил Петков не се согласува со ова. Смета дека заострувањето на односите се должи на предизборната атмосфера во Бугарија и не гледа желба за смирување на ситуацијата.
„За Милков, пак, најголем успех е тоа што Бугарија успеа да ги издигне историските спорови на ниво на ЕУ. Заслугата за тоа му ја препиша на бугарскиот претседател, кој успеа впишувањето на Бугарите во македонскиот устав да го постави како услов за Македонија воопшто да почне преговори со Унијата“, смета Весела Чернева од Европски совет за надворешна политика.
„Имаме спорови чија генеза е историска, но имаат импликациии сега. Имаат современ контекст и се поврзани со човекови права, правата на малцинствата, јазикот на омраза. Тоа се критериуми на ЕУ и ние успеавме да ги преведеме нашите исориски грижи и спорови на современ европски јазик кога го поставивме прашањето за бугарската заедница таму и тоа е најважното прашање на кое ние политички треба да опстоиме“, вели Милков.
Бугарија ќе опстои на своите ставови. Ќе го врати амбасадорот кога ќе се создадат услови за тоа, а за Бугарите кои сакаат да присуствуваат на чествувањето на Гоце Делчев на 4 февруари, по службен пат ќе бара да им се гарантира безбедност.
Сигурно е дека во следните месеци односите меѓу двете земји нема да бидат како претходно. Ова Миков лично му го кажал на македонскиот колега Бујар Османи на нивната последна средба во Софија.