Заканувачко писмо до обвинителот Јовески
Републичкиот обвинител Љубомир Јовески доби закани по животот. Вчера до него било адресирано писмо со кое бара ослободување од судско гонење на новинарите Горан Момировски и Драган Милосављевиќ. Обвинителство го објави писмото кое стасало до Јовески, кое со мастило е напишано на англиски јазик, а испечатено на македонски.
„…Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземеме животот. Постапете ведаш ако вашата желба е да останете живи. Ние сме терористичка организација која се бори и убива за неправди и исто така сме подготвени да гинеме за неа“, пишува во писмото.
Во писмото не е наведено кој е авторот. Обвинителството соопшти дека писмото било испратено од битолската пошта од 17 јануари годинава.
„Пратката ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи заради испитување на содржината на наводите и лицето кое ја експедирало пратката“, наведуваат од ЈО.
Од МВР велат дека веќе работат на расчистување на случајот. Инаку, скопското обвинителство имаше предмет за двајцата новинари по поднесена кривична пријава од Агенцијата за разузнавање. Новинарите на ТВ Алфа во емисија изнеле наводи за безбедносни и разузнавачки структури. Тие лани во ноември беа на распит во Обвинителството, а еден месец подоцна Обвинителството ја запре постапката против нив.