ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Заев ќе ја официјализира оставката на крајот на годината?

Премиерот останува на ставот да си поднесе оставка на функцијата, но најверојатно ќе ја пролонгира за два месеци.

Помалите коалициони партнери на синоќешниот состанок не успеале да го разубедат Заев во намерата што ја најави на изборниот ден.

Но, му предложиле и тој начелно прифатил, официјално оставката да ја поднесе кон крајот на годината или на почетокот на јануари.

Еден од помалите коалициони партнери, кој синоќа присуствуваше на состанокот, за Телма брифираше дека, би било несериозно од Заев сега да се предомисли, но исто така сите се согласиле дека мора да се заштитат виталните државни интереси.

Причина за тоа, вели нашиот извор, се и надежите кои им ги соопштил премиерот, за решавање на спорот со Бугарија и можна меѓувладина конференција со ЕУ на средината на декември.

Иако синоќа ДУИ и БЕСА биле категорично против оставката на Заев, на состанокот бил оставен простор за негов можен наследник, а за мислењето на коалиционите партнери околу ова прашање ќе се разговара оваа недела, најверојатно во петок.

Аналитичарите не очекуваат дека Заев ќе ја смени одлуката за повекување од партиската функција, додека за премиерската не се толку сигурни.

Од ВМРО ДПМНЕ се сомневаат дека најавата за оставка е блеф на Заев.

На синоќешниот состанок во владата, Заев од коалиционите партнери  побарал мислење и за влез на Алтернатива во владејачкото мнозинство.

Им било соопштено дека веќе преговара со нив дека тие разговори ќе се финализираат во следните два дена.

Добил  согласност од сите, вклучително и од ДУИ.

Но, од Алтернатива демантираат. Тврдат дека немало никакви состаноци со други партии.

Деновиве тие самите ќе имаат состанок, на кој ќе ја анализираат ситуацијата околу најавената оставка на премиерот, како и за можните понатамошни потези.

Please follow and like us:
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.