ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Заев: Ја имаме првата блокада денеска и не така пријателски сигнал од Бугарија

Бугарија ги оствари заканите. Блокирана е преговарачката рамка за Македонија, која денеска  беше на дневен ред на состанокот на Корепер во Брисел.

Лошата вест ја објави премиерот Зоран Заев, кој смета дека сепак не е се загубено и дека нова шанса за преговарачката рамка ќе има наскоро на уште два вакви состанока на ниво на амбасадори до клучниот Совет за општи работи за 11 дена.

Заев потенцира дека Софија го прекршила членот 2 од Договорот за добрососедство, во кој меѓу другото се вели:

„Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да и помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија и ќе ја поддржи Република Македонија за добивање на покана за членство во НАТО согласно соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО.“

Заев вели дека и натаму се одвиваат интензивни комуникации за изнаоѓање решение меѓу двете земји, посебно меѓу двете министерства за надворешни работи. Повтори оти нема да се склучува нов договор или анекс, туку се работи за појаснување што може да се даде во форма на изјава..

Во последниов период официјална Софија повеќе пати порача дека нема да даде зелено светло за Македонија, додека земјава не ја признае како што посочи, историската вистина. Синоќа и вицепремиерот Каракачанов најави вето, повторувајќи ги главните услови.

-Бугарија ги прави сите обиди, до денеска буквално, да седнеме на маса и да се разбереме. Прво, населението до 1944 год. да биде признаено како дел од бугарската историја, култура и јазик. Второ, откажување од претензиите за малцинството. Трето, поправки на учебниците по историја., изјави Красимир Каракачанов, министер за одбрана на Бугарија

Судбината на преговарачката рамка за Македонија, а со тоа и условот да се одржи првата меѓувладина конференција за земјава, ќе се знае на Советот за општи работи, кој требаше да се одржи на 10-ти, но е одложен за 17-ти ноември. Со тоа, Македонија добива дополнително време да изнајде компромис со Бугарија. Неколку дена претходно на 13-ти месецов, премиерот Заев ќе оствари виртуелна средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.