Заев ја злоупотребува жртвата на граѓаните дадена во периодот на епидемијата
Не би сакал да го коментирам она лажно видео коешто го објави Зоран Заев бидејќи навистина тоа би било под секакво ниво и би била класична злоупотреба на жртвата на овие луѓе коишто ја дадоа изминатиот период, рече меѓу другото лидерот на ВМРОД-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на барање на новинарите да го коментира промотивниот видео-материјал на владајачката СДСМ во кое се истакнува дека земјата, односно власта наводно добро се справила со епидемијата од новиот коронавирус.
Според последните официјални податоци, до средата во земајата се потврдени вкупниот 2.041 на зараза со коронавирусот, од кои починале 116 пациенти.
Во одговорот на новинарското прашање, Мицкоски истакна дека сака во прв ред да им се заблагодари на оние коишто беа во првите редови да се справуваат и ги изложија своите животи на ризик со пандемијата, мислејќи на медицинските лица, припадниците на министерството за внатрешни работи и армијата, како и сите кои практично ја движеа Македонија во овие 66 дена вонредна состојба.
„Но би сакал да коментирам две работи. Во светот денеска успешноста со справувањето со оваа пандемија ја детерминираат два индикатори. Првиот е за жал бројот на луѓе кои што го губат својот живот на милион жители и вториот е падот на економијата споредено со БДП во државата. Според првиот индикатор за жал ние сме водечки во регионот, први во регионот и морам да констатирам, за жал, тој тренд не се намалува, напротив, вие бевте сведоци во текот на вчерашниот ден имавме тројца нови луѓе кои што за жал ги изгубија своите животи“, рече Мицкоски.
Го спомена вториот индикатор за справувањето со кризата, односно падот на бруто домашниот производ и падот на економијата, на што беше посветена денешната прес-конференцијата. Притоа Мицкоски рече дека не треба само политичарите да даваат свои оцени, туку првенствоено за тоа да говори бизнис заедницата и со реалниот сектор.
„Тие доволно ќе кажат во каква состојба денеска се наоѓаат и што очекуваат во периодот кој што следи. Состојбата е катастрофална. Ова не треба да бидат политички теми, ова не треба да бидат екранизирани во спотови, туку треба сите ние да се погледнеме во очи и да признаеме за слабостите кои што си ги имаме и тие слабости да ги претвориме во доблести во иднина, бидејќи ако навистина ни се случи втор бран од оваа пандемија и ако повторно ги повториме овие слабости, уште дополнително ќе ги разочараме нашите граѓани. Тоа не треба како политичари да си го дозволиме. Треба да седнеме отворено трезвено да размислуваме и заеднички да ги надминуваме предизвиците кои што се пред нас“, заклучи Мицкоски.