ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Заев: Пописот е статистички процес неопходен на државата за креирање на долгорочни развојни економски политики

„Остануваме целосно посветени на успешното спроведување на пописот, на неговата афирмација во делот на спроведување и поддршка на самиот попис. Оваа поддршка доаѓа од сите коалициони партнери и претставниците во Парламентот, Владата и во институциите.

Убеден сум дека ќе имаме статистичка операција која ќе ги евидентира и ќе покаже релевантни и точни податоци, кои ќе ни помогнат за креирање на економските политики, рамномерни регионални планови за развој, соодветни политики во образование, култура, здравствена заштита. Податоците од пописот се статистички податоци кои им требаат на државните институции, извршната, парламентарната, локалната и судската власт, како и на сите чинители во општеството“, истакна премиерот Заев на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

Премиерот апелираше да бидеме сите позитивни кон пописот кој ни фали веќе 19 години, а успешното спроведување е должност на сите граѓани и затоа треба да го поддржиме максимално.

„Законот за попис е во Собранието, жалам што денешната седница се одложи поради тоа што не се воведува онлајн работа на Парламентот, бидејќи има пратеници кои се позитивни на КОВИД-19 или се во самоизолација. Со ова само се докажува неодговорноста на опозицијата и тоа не на целата партија туку на раководството. Повикувам да се вразумиме сите, срамота е државата да нема попис – тоа е статистичка операција која нема ретроградни процеси. Нема да има никаква рефлексија во делот на стекнати права, во делот на Уставот и законите“, објасни премиерот Заев и дополни дека во светот постои искуство кога некој не ги признава резултатите да го повтори процесот кога ќе дојде на власт, но апели за бојкотирање на попис е буквално впуштање на граѓаните кон одговорност. Сите граѓани имаат обврска да бидат попишани и убеден сум дека нашиот народ целосно ќе ја исполни својата обврска.  

Премиерот објасни дека пописот ги опфаќа сите граѓани, кои се регистрираат по етничка припадност, резидентните и нерезидентните граѓани. Меѓуграничната контрола дава можност во секој момент да знае државата колку од граѓаните живеат надвор од државата повеќе од една година. Сите граѓани слободно ќе ја изразат својата верска и етничка припадност.

На крај тој заклучи дека Законот за попис ќе се донесе што поскоро, затоа што и после тоа има голем број на активности во делот на подготовка за спроведување на пописот, како на пример да се обезбедат соодветни простории и човечки ресурси за менаџирање на целата постапка.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.