Заев: Од први јули граѓаните ќе прават поврат на ддв, но нема да важи за луксузните производи
За поврат на 15% од наплатениот ДДВ на граѓаните ќе се користат мобилните телефони. Премиерот Заев не откри детали на кој начин ќе се прави тоа, но потврди дека проектот дефинитивно стартува од 1 јули годинава. Финалниот договор паднал доцна синоќа на состанок во Владата, кога и Министерството за финансии и Управата за јавни приходи потврдиле дека се подготвени за тоа.
„Целиот систем се заснова на модерни технологии, на современи начини на наплата. Ќе игра телефонот буквално со секој граѓанин, лесно. Секој граѓанин над 15 години, кој има право да има лична карта, своја трансакциска сметка, да биде регистриран во е-даноци ќе биде учесник. Дури и детенце под 15 години ќе може тоа да го направи, но самата регистрација ќе мора да ја направи родителот или постарата сестра или брат. Верувам дека ќе успееме. Деталите да не ги најавувам предвреме. Ќе има лимити до колку најмногу ќе може, да не излезе богатите најмногу да вратат. Целта е да има фер третман кон сите граѓани, но да ја тргнеме даночната евазија таму каде што ја има“ – вели Заев.
Институции допрва ќе излезат со детали за кои видови производи и услуги државата ќе им враќа пари на граѓаните. За сега се знае само дека нема да се враќа данокот остварен при купување на луксузни производи. Очекувањата на Владата се дека на самиот старт, по овој основ, граѓаните да добијат меѓу 60 до 100 милиони евра годишно. Овој проект треба да ја намали даночната евазија, на која предупреди и ММФ.
„Даночната евазија не е 15% до 25%. Туку е 30% па можеби и повеќе. Тоа создава два вида на проблеми. 30% од милијарда се 300 милиони евра загуба за државата. Ама штетата е уште поголема зашто тие што не плаќаат ДДВ создаваат нелојална конкуренција и ги уништуваат сите чесни плаќачи на даноците. Со можноста секој граѓанин да биде инспектор и граѓаните ќе добијат значителни приноси, но и државата ќе ја подобри наплатата на тој данок во државниот буџет“ – изјави Заев.
Според досегашните најави, со оваа мерка секое семејство ќе може да добие максимум до 500 евра поврат на данок, за што треба да потроши фантастични 18 илјади евра. Грубите пресметки покажуваат дека за потрошени 1000 денари државата ќе врати 27 денари.