ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Заев до Каракачанов – Во 43та не сме си легнале како Бугари за да се разбудиме како Македонци во 44та

Изјавите на Красимир Каракачанов го повредуваат македонскиот народ бидејќи секој има право на самоопределување, коментира премиерот Зоран Заев по последните коментари на бугарскиот министер дека не постоел посебен македонски идентитет до 1944 година. Заев апелира Бугарија, доколку навистина е европска, да ги почитува и европските вредности.

„На 31 декември 1943 Македонците не си легнаа како Бугари и се разбудија на 1 јануари 1944 како Македонци. Тие се Македонци со векови, се чувствувале и се чувствуваат како Македонци. Ние сме биле и сме и ќе бидеме Македонци. Апелирам до пријателска Бугарија и до мојот пријател Красимир Каракачанов да знаат дека колку и да е тоа податливо во Бугарија, овде повредува. Секаде во светот секој има право да се определи како сака. Нашиот суверенитет соседна Бугарија го има признаено прва. Ако се Европејци, европските вредности се почитување на нашето право на идентитет – а тоа е дека сме Македонци кои говорат македонски јазик и право на определба за нашите корени. Точно е дека имаме заедничка историја, но и различна“.

Каракачнов вчера на радио гостување повторно со остра реторика ги нападна македонските позиции коментирајќи дека “не може да се каса раката која те поддржува“.

„Што и да ми зборуваат и објаснуваат за идентитетот, којшто бил многу древен, секој нормален човек којшто прочитал повеќе од пет страници историја поврзана со Македонија, знае дека таков идентитет, македонски, посебен од бугарскиот, пред 1944-та година не постои“, вели Каракачанов за бугарските медиуми.

Но и покрај ваквите тврди позиции на претставниците на Софија, Заев вели дека државата нема алтернатива за членство во ЕУ и се надева дека проблемот со Бугарија ќе реши во првата половина на 2021. Останува, вели Заев, понудата источниот сосед да го покрива македонското небо. 

Дека нема алтернатива за евроинтеграциите коментираше и шефот на дипломатијата Османи кој е во посета на Австрија. 

„Свесни сме – процесот е сложен, не е едноставно да се постигне консензус и ние не се откажуваме, напротив, постојано јавно кажуваме дека сме подготвени и натаму да работиме посветено и на реформите, и на добрососедските односи, и на сите предизвици кои ќе се појават – сѐ до нашето полноправно членство во ЕУ“.

Министерот за надворешни работи е на мини турнеја по земјите членки на ЕУ кои се непосредни соседи на Балканот и силни поддржувачи на проширувањето. 

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.