Заев ги повика институциите да го почнат „прочистувањето“ и пред избори
Премиерот Зоран Заев не се откажува од намерата да се спроведе проверка на судиите и обвинителите уште пред изборите.
„Прочистувањето“ во правосудството да почне веднаш, а надлежните институции да ги почнат проверките на имотот на судии, јавни обвинители и членови на нивните семејства и пред изборите, бара премиерот Зоран Заев. Очекува ДКСК да отвори постапки, а ги задолжил институциите под извршната власт како УЈП, МВР, Централен регистар, Катастар да ги употребат алатките и механизмите за следење на имотната состојба на судиите и јавните обвинители.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска за потврди дека судиите и јавните обвинители се дел од Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси за 2020 за чие спроведување потребно е зајакнување и на постојните човечки и материјално – технички ресурси и вклучување на другите истражни органи.
Од Антикорупциската комисија изразија подготвеност за проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите, меѓутоа, велат дека е потребно координација на институциите и конкретни задолжувања од страна на Владата.
Заев дециден дека Комисијата мора да ги има сите услови за квалитетно да функционира. Ги повика министерствата и инститиуциите од извршната власт на целосна соработка со Антикорупциска, бидејќи, како што рече, таа е контролор на сите нас.
„Прочистувањето“ во правосудството е план Б на власта за најавениот ветинг на судии и јавни обвинители. Иако министерката за правда Рената Дескоска пред неколку денови изјави дека ветингот во правосудството не може да почне пред изборите бидејќи е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, премиерот Заев денеска со став дека самите институции може да влезат и да го направат прочистувањето.