ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Заврши 62-от круг прелиминарни контакти меѓу Грција и Турција

Во добра атмосфера, според грчката државна телевизија ЕРТ, поминал 62-от круг прелиминарни контакти меѓу Грција и Турција, што се денеска се одржа во атински хотел, јави дописничката на МИА од Атина.

ЕРТ, повикувајќи се на дипломатски извори објави дека било договорено следниот круг да се одржи во Истанбул, а дополнително, преку дипломатски пат да се одреди терминот.

Со оглед на тоа дека станува збор за неформални контакти, двете страни по завршувањето на разговорите не излегуваат со соопштение.

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас по средбата со неговиот палестински колега Риад Ал Малики се осврна и на контактите со Турција истакнувајќи дека „Грција пристапува со добра верба”.

На прес конференцијата што беше во исто време со прелиминарните контакти меѓу двете делегации, Дендиас изрази надеж дека ќе доведат до изнаоѓање заеднички јазик за решавање „на единствениот билатерален спор со Турција”, односно одредување на Ексклузивната економска зона и континенталниот гребен во Егејското мора и во Источниот Медитеран, „врз основа на принципите на меѓународното право и Конвенцијата на ООН за морското право”.

-Во оваа прилика, би сакал да забележам дека едностраните приговори на Турција, кои неодамна излегоа на виделина во врска со Грција, ќе бидат одговорени во соодветен момент и на соодветен начин, по дипломатски пат, рече Дендиас.

Паралелно уште еднаш повтори дека е подготвен да се сретне со неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу, но истакна дека „за една таква средба да има смисла, треба да се одржи во соодветна клима”.

Претходниот круг контакти меѓу Грција и Турција се одржаа на крајот од јануари во Истанбул.

Станува збор за неформални контакти, а не за преговори,  нема обврзувања меѓу двете страни, нема договорен записник, не присуствува трета страна и нема информирање за содржината на разговорите, додека пак целта е доколку има поклопување на ставовите во иднина евентуално би се одржале преговори.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.