Завршија преговорите во Белорусија, по консултациите во Киев и Москва ќе има нова рунда
Маратонските разговори меѓу Москва и Киев во Белорисија завршија доцна попладнево, но без јасен епилог дали воопшто има неков напредок.
Според Франс прес, следна шанса ќе имаат најверојатно на локација околу полско-белоруската граница. Украинската страна бараше итен прекин на огнот и повлекување на руските трупи.
Украинската делегација, предводена од министерот за одбрана Резников пристигна со хеликоптер, а она што веднаш привлече најголемо внимание беше нивниот неформелен изглед, за разлика од руските колеги, кои допатуваа со одела и вратоврски. Беа предводени од помошникот на Путин, Владимир Медински. Руските барања не се докрај познати, иако светските медиуми објавија дека Путин телефонски му ги предочил трите главни услови на Макрон: признавање на рускиот суверенитет над Крим, демилитаризација на украина и обезбедување нејзин неутрален статус. Домаќинот Белорусија порача дека од средбата очекува многу.
-Драги пријатели, претседателот на Белорусија ме замоли да Ви посакам добредојде и максимално да обезбедам се за вашата работа, како е договорено со претседателите Зеленски и Путин. Тука можете да се чувствувате потполно сигурно. Претседателот Лукашенко искрено се надева дека на денешните разговори ќе бидат пронајдени решенија за сите прашања. , изјави Владимир Макеи, министер за надворешни работи на Белорусија
И додека Москва и Киев преговараа во Гомелската област, привидното затишје го прекина веста од украинскиот град Харков. Неколку десетици загинати и стотици ранети, според украинското министерство за внатрешни, е билансот на руски ракетни напади врз североисточниот град, во кои неофицијално загинале 16 цивили и 15 украински војници.
Претходно, украинскиот претседател Зеленски оцени дека не очекува многу од преговорите, а во меѓу време, најави ослободување на сите затвореници кои сакаат да се вклучат во борбите. Сепак, неговото клучно очекување е брз прием на Украина во Европската Унија, барање за кое земјите членки засега се поделени.
-Се обраќаме до Европската Унија во врска со итното членство на Украина според нова и посебна процедура. Благодарни сме на партнерите што се со нас, но нашата цел е да бидеме заедно со сите Европејци и што е најважно, да бидеме рамноправни. Сигурен сум дека тоа е изводливо, уверен сум дека тоа го заслужуваме и дека тоа е возможно. , изјави Володомир Зеленски, претседател на Украина
Руските трупи, според информациите на Скај њуз, освен источните самопрогласени рапублики и делот кај Крим, под контрола го имаат градот Мелитопул, на североисток градот Конотоп, делови на околината на Харков и Суми на и на север предградијата на Киев и на Чернихив.
Укранските власти соопштија дека од почетокот на инвазијата загинале 350 цивили, од кои 14 деца. Првото идентификувано лице е четвртодделенката Полина, која заедно со родителите била смртно застрелана додека се возеле во семејниот автомобил во Киев. Досега Украина ја напуштиле над половина милион луѓе, најголем дел во Полска. Таму патува и 10-годишниот Марк заедно со мајка му.
-Татко ми остана во Киев. Тато ќе продава работи и ќе им помага на нашите херои и на армијата. Тој дури може и да се бори. , вели 10-годишниот Марк од Киев
И додека илјадници луѓе се евакуираат, дел од Украинците кои живеат и работат во соседните земји се враќаат во татковината за да ја одбранат.
-Тргнувам во војна. Мојот брат е со мајка ми и баба ми. Јас одам во војна со татко ми. , вели жител на Киев кој живее Полска.
-Не можам ова да го гледам. Не можам да останам во Полска и да дозволам Русите да ја уништуваат нашата независност, нашите градови и граѓани. , вели жител на Киев кој живее во Полска.
Паралелно во Њујорк, почна Специјалната седница на Генералното собрание на Обединетите Нации, која е само 11-та во историјата, а на која треба да се осуди руската инавзија, со оглед дека таквата можност беше блокирана од Москва во Советот за безбедност.