ЕУ: Резултатите од изборите во Белорусија се фалсификат, Лукашенко- војската е во борбена готовност
Лидерите на ЕУ преку видео конференциска врска ја потенцираа загриженоста по спорните претседателски избори и полициската бруталност на демонстациите. За ЕУ резултатите според кои Лукашенско го доби шестиот мандат се фалсификат, во моментов се подготвуваат санкции и се составува црната листа за официјални лица од Белорусија.
„Насилството треба да престане и раководството на Белорусија мора да ја рефлектира волјата на луѓето“, твита Претседателот на Советот на ЕУ, Чарлс Мишел, неколку минути по завршувањето на самитот.
Премиерот на Холандија, Марк Руте, напиша: „Народот на Белорусија има право на резултат што точно го рефлектира нивниот глас“.
Белорусија да отвори пат за нови избори и да избегне насилство врз демонстрантите, бараат Унгарија, Полска, Словачка и Чешка земјите од Вишеградската група.
Светлана Тихановскаја, лидерка на белоруската опозиција ги повика денеска лидерите на Европа да не ги признаат изборните резултати на, како што рече лажните избори одржани на 9-ти август, бидејќи Лукашенко го изгубил целиот легитимитет пред нацијата и светот.
-Со цел да се олесни мирна транзиција на власта во мојата земја, го иницирав Националниот Координативен совет на Белорусија. Тој ќе го води процесот на мирно преминување на власта преку дијалог, веднаш ќе повика на нови фер и демократски претседателски избори со меѓународен надзор од почитувани лидери на Европа, ве повикувам да го поддржите будењето на Белорусија. Ги повикувам сите земји да ги почитуваат принципите на меѓународното право. Повикувам да го почитувам суверенитетот на Белорусија и изборот на белорускиот народ – Светлана Тихановскаја, лидер на белоруската опозиција.
Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, ги опиша потезите на опозицијата за формирање „Совет за координација“, како обид за грабнување на власта и предупреди дека тој ќе преземе „соодветни“ чекори за „разладување на тие жаришта“. Лукашенско потврди дека на западната граница воените сили се во состојба на борбена готовност.
Претставниците на западните земји, вклучително и некои западни лидери, не се ни свесни за положбата и состојбата на Белорусија, меѓутоа тие даваат некои изјави што докажуваат дека претседателот бил во право. Разговаравме за тоа со Министерството за одбрана. Фала му на Бога, реагиравме, распоредивме и ги доведовме во борбена готвност воените единици на нашата армија на западните граници на нашата земја – Александар Лукашенко, претседател на Белорусија.
Малкумина аналитичари веруваат дека Москва е подготвена да употреби сила за да му даде поддршка на прорускиот лидер, после неколкте телефонски разговори на Лукашенко со Путин.
На седницата на белорускиот Совет за безбедност, Лукашенко ги повика водачите на западните земји да се фокусираат на нивните проблеми – треба состаноци да држите за ‘жолтите елеци’ во Франција и ужасните немири во САД, за коронавирусот во Германија, им порача тој.
За ситуацијата во Белорусија на барање на САД и Естонија, синоќа во Њујорк зад затворени врати се оддржаа консулатции на Советот за безбедност на ОН, детали не се соопштуваат.
По изборите од 9 август во Белорусија, што ги доби Александар Лукашенко, секојдневно се одржуваат протести во судири меѓу полицијата и демонстрантите, во кои загинаа двајца, а уапсени беа околу 7.000 луѓе.