Ескалација во Идлиб: Се заканува ли нов бегалски бран?

Ситуацијата во северна Сирија драматично ескалираше. Во воздушен напад на сириската армија загинаа 33 турски војници. Турција возврати со одмазднички напади и се закани оти ќе ги отвори границите кон Европа за бегалците. На границата меѓу Сирија и Турција илјадници бегалци чекаат да влезат во земјата. Но во Турција веќе има 3,6 милиони сириски бегалци. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во повеќе наврати се закануваше дека ќе ги отвори границите кон Европа за бегалците. Овојпат тоа навистина би можело да се случи со оглед на ескалацијата на насилството во регионот Идлиб во Сирија. Имено, турските телевизии емитуваа во живо како бегалците на гумени бродови тргнуваат од егејското крајбрежје на Турција на пат кон грчкиот остров Лезбос. И никој не ги спречуваше во тоа. Репортер на новинската агенција ИХА, пак, известуваше рано изутрина од прифатниот логор Ајдин на егејското крајбрежје. „ Бегалците самостојно тргнуваат на пат. Во кампот во моментов има три автобуси полни со бегалци, кои наскоро ќе тргнат на пат“. Во Турција се шират гласини дека владитет неколку часа нема да ги запираат бегалците дојдени на границата со Грција. Наводно тоа било одлучено на кризната седница по смртоносните напади врз турските војници во регионот Идлиб во изминатата ноќ.