Ердоган ги доби изборите, но ја загуби престолнината
Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, прогласи победа на локалните избори, иако неговата „Партија за правда и развој“ (АКП), за првпат после 25 години, ја загуби контролата во престолнината, Анкара. Останува неизвесно кој ќе победи во најголемиот град во земјата, Истанбул. Победата на опозицијата во Анкара, како што пренесува „Асошиејтед прес“, е голем удар за доминацијата на партијата на Ердоган.
Според неофицијалните резултати, објавени на државните медиуми, кандидатот на опозициската секуларна „Републиканска народна партија“ (ЦХП), Мансур Јавас е новиот градоначалник на Анкара.
Битката во Истанбул сѐ уште е многу неизвесна бидејќи, како што пренесува турската агенција „ТРТ“, по преброени 99 проценти од гласовите во водство од 0,05% е опозицискиот кандидат Екрем Имамоглу, пред кандидатот на АКП, Бинали Јилдирим.
Странските агенции пренесуваат дека ако опозиционерите го добијат и Истанбул, тоа би било дополнителен удар за Ердоган, чијашто политичка кариера почна токму со градоначалничка функција во најголемиот град во Турција, во 1990 година.