Ердоган бара преговори за две посебни држави на Кипар
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган побара денес за време на посетата на самопрогласената Турска Република Северен Кипар преговори за „две посебни држави“ на Кипар, отфрлајќи го обединувањето на островот како решение на кипарското прашање.
Постојат два народи и две посебни држави на Кипар. Потребни се преговори за да се дојде до решение кое би се засновало на две посебни држави“, кажа тој го говор на северниот дел на Кипар каде што пристигна во текот на денот.
Последните преговори за мир меѓу кипарските Грци и кипарските Турци во 2017 под покровителство на Обединетите нации, а врз основа на идејата за обединување на островот, пропаднаа. Ердоган смета дека плановите за обединување се минато.
Турскиот претседател се сретна со новоизбраниот лидер на самопрогласениот Северен Кипар Ерсин Татар.
Татар, поранешниот премиер, победи на претседателските избори минатиот месец што значи дека може да дојде до понатамошно заострување на односите со меѓународното признатата влада во Никозија.
Претходникот на Татар го поддржуваше обединувањето, додека тој не.
Турција е единствената земја која го признава Северен Кипар како независна држава.
Кипар се раздвои по турската инвазија во 1974, која беше одговор на државниот удар со кој Грција се обиде да го припои островот.
Ердоган истакна дека Северен Кипар и Турција повеќе нема да дозволуваат „дипломатски игри“ околу прашањето за меѓународното право на истражување ресурси во источниот Медитеран.
„Мир и стабилност во регионот не можат да бидат постигнати ако Турција и Северен Кипар не добијат праведен дел од територијалните права“, кажа турскиот претседател.
Кипарскиот претседател Никос Анастасијадес ја оквалификува посетата на Ердоган како провокацја и политика на свршен чин која ја спроведува Анкара и со тоа покажува дека не го почитува меѓународното право.
„Турција и нејзиниот претседател ја поткопуваат перспективата за соодветна атмосфера што ја бара генералниот секретар на ОН за да ја почне иницијативата кон решавање на кипарското прашање“, кажа Анастасијадес пред пристигнувањето на Ердоган.
Грција смета дека посетата претставува „директно кршење на резолуциите на ОН“.