ЕП ја осуди операцијата во Сирија, Турција реагира
Министерството за надворешни работи на Турција реагираше против денешната одлука на Европскиот парламент (ЕП) во врска со операцијата „Извор на мирот“, нагласувајќи дека целосно го одбива ставот на ЕП.
Пратениците во ЕП денеска остро ја осудија турската воена интервенција во североисточниот дел на Сирија и ја повикаа Турција да ги повлече своите сили од сириска територија. Во резолуција што денеска беше усвоена во ЕП, пратениците предупредуваат дека интервенцијата на Турција во североисточна Сирија е сериозно кршење на меѓународното право и ја нарушува стабилноста и безбедноста на регионот во целина.
– Целосно го одбиваме ставот, кој денеска беше усвоен во Европскиот парламент за операцијата „Извор на мирот“. Всушност, не се зачудивме од оваа одлука донесена од страна на оние кои постојано во Парламентот ги угостуваат терористите, се наведува во соопштение на Турското Министерство за надворешни работи.
Како што јави агенцијата Анадолија, во соопштението се истакнува дека „оваа операција е реализирана врз основа на правото за самоодбрана на Турција во рамки на меѓународното право, Повелбата на ОН и резолуциите на Советот за безбедност на ОН во врска со борба против тероризмот“.
Според соопштението, „во рамки на операцијата таргетирани се елементите на ПЈД/ЈПГ, кој е сириски огранок на ПКК кој се смета за терористичка организација од страна на ЕУ и НАТО, како и нивните упоришта, засолништа, позиции, оружја, возила и опрема, и дека се преземени сите потребни мерки со цел да не им се наштети на цивилите и цивилната инфраструктура“.
Се вели и дека легитимноста на операцијата е потврдена и во договорите кои Турција ги постигна со САД и Русија.
Според Анадолија, се истакнува и дека (Турција) повеќепати ги негирала тврдењата кои се наоѓаат во одлуката на ЕП. „Покрај сите наши изјави, ЕП прифати една одлука која не се совпаѓа со фактите, и инсистира со својот став кон Турција кој е со предрасуди и лишен од здрав разум“, се додава во соопштението.
Исто така, во соопштението се нагласува дека Турција „води борба против илегалната миграција и тероризмот на ПКК/ПЈД/ЈПГ и ДЕАШ кои се предизвикани од Сирија, но според соопштението, наместо да покаже солидарност со Турција, ЕП со оваа одлука преферира да ѝ служи на агендата на една терористичка организација и да верува во тврдењата без основа“.
Според ова соопштение, оваа одлука не им служи на напорите за формирање заедничка атмосфера на соработка и развивање на односите меѓу Турција и ЕП, пренесува турската државна агенција.