Елези: Досега скенирани над седум милиони фискални сметки
Заменик министерката за финансии Ширет Елези пазареше во еден скопски маркет и ја скенираше фискалната сметка за да си обезбеди поврат на ДДВ. Повеќе владини функционер, директори на јавни претпријатија и градоначалници се дел од кампањата на УЈП за поврат на 15 насто од ДДВ-то кај граѓаните. Елези информираше дека досега се скенирани над седум милиони фискални сметки, 143 илјади граѓани ја користат апликацијата Мој ДДВ и треба да им се вратат над 930 илјади евра.
Од денеска, ако се обидете да скенирате сметка, апликацијата Мој ДДВ ќе побара ажурирање поради инсталирање нова верзија, а потоа корисничкото име и лозинката ќе треба повторно да се внесат. Од УЈП информираа дека новата верзија на апликацијата е со подобрени карактеристики.
„Заклучно со денеска имаме зголемена реализација на приходите, односно приходната страна на буџетот и тоа во апсолутен износ на седум милијарди и 800 милиони денари што покажува дена во наредните месеци ќе имаме зголемена наплата на ДДВ. Ако го споредиме само месец јули годинава со месец јули од претходната година, реализацијата на вкупните даночни приходи е зголемена на 16 насто или во апсолутен износ на две милијарди 283 милиони денари. Најголем удел во тоа има зголемувањето на наплатата на ДДВ-то“, рече Ширет Елези – заменик министерка за финансии.