Експлозии во Авганистан, најмалку двајца загинати
Во три експлозии во Авганистан загинаа најмалку две лица, а повредени се дваесет, јавуваат медиумите. Експлозиите се случија во главниот град на источната провинција Нангархар.
Очевидци и член на администрацијата предводена од талибанците се цитирани од медиумите дека велат оти најмалку една од екплозиите во Џалалабад погодила возило во кое биле талибански борци. Меѓу повредените, како што се јавува има жени и деца. На фотографиите од местото на случувањето се гледа пик ап возило со бело талибанско знаме опкружено со остатоци додека вооружени сили гледаат во него. Засега нема други детали.
Претходно денеска, бомба експлодираше во главниот авганистански град Кабул при што се повредени две лица, соопшти полицијата. Целта на нападот се уште не е позната, но локалните медиуми јавуваат дека се случило во област во која доминатно живеат етнички Хазари во западниот дел од градот. Талибанците влегоа во Кабул на 15 август по што беше отстранета авганистанската влада која беше поддржана од западните земји.
Исламистичката група досега не излезе со соопштение за инцидентите и не се знае кој ја презема одговорноста. Талибанците и локалниот огранок на екстремистичката група Исламска Држава-Корасан ја користеа оваа тактика во минатото за извршување напади. Исламска држава-Корасан се непријатели на новите владетели со Авганистан. Отпорот кон талибанците исто така е застапен во Панџшир, планинска област лоцирана околу сто километри североисточно од Кабул.