Експерти: Одлуката за цената на струјата е политичка

Политичка е одлуката за цената на струјата која државната ЕСМ и ја понуди на ЕВН Хоум, сметаат експертите.
Цената од 56 евра за мегават час е пониска од производната која изнесува 73 евра. Оваа разлика ќе мора да се надомести, а ќе платат стопанството и граѓаните преку државниот буџет.
-Владата вложува неброени средства во Електростопанство да обезбеди електрична енергија за домаќинствата како гласачка машина. Со тоа стопанството е „пуштено низ вода“, смета претседателот на МААЦЕФ, Константин Димитров.
Најавите за поевтинување на цената на струјата за домаќинствата кои и досега штеделе, смета Димитров, се нереални бидејќи во исто време ДДВ-то ќе се зголеми од 5 на 10 отсто. На тој начин државата станува економски роб на тие што ни даваат кредити.
– Ќе се зголеми задолжувањето на Македонија и со тоа се донесуваат сите идни генерации и квалитетни, способни фирми да плаќаат повеќе. Граѓаните ќе го платат тоа, помладите генерации бидејќи не може тоа некој да не го плати. Тие долгови што ги зимаме, огромни суми се даваат затоа што не може ЕСМ да произведе потребна количина на електрична енергија за Македонија. Редовно зборат само за граѓаните и тие што се на регулираниот пазар, стопанството прави пари, стопанството пропаѓа, вели Димитров.
ЕСМ понуди за 16 отсто повисока цена на ЕВН Хоум. Од сегашните 48 евра, следната година цената ќе скокне на 56 евра за мегават час. Конечната одлука за цената на струјата ќе ја донесе Регулаторната комисија имајќи ја предвид цената што ја бара МЕПСО за преносот и загубите на Електродистрибуција.
Владините претставници тврдат дека граѓаните нема да почувствуваат ценовен шок и дека оние домаќинства кои досега штеделе ќе плаќаат пониски сметки.
Во исто време, со народни пари ќе се исплаќаат долговите од 40 милиони евра на Клинички, затвори, судови, универзитети, зоолошката градина, пошта.
Предлог законот за пренамена е доставен во Собранието, и се очекува да биде изгаласан наредната недела. Ако не поминат измените, од ЕВН ќе продолжат со исклучување наелектричната енергија.