„Дуна“: Нашата апликација е беспрекорна, ДИК беше цел на хакерски напад
Апликацијата поврзана со изборниот процес функционира најнормално, но страницата на Државната изборна комисија беше цел на хакерски напад, информираа денеска од компанијата „Дуна“.
– Апликацијата на „Дуна“ поврзана со изборниот процес на предвремените парламентарни избори функционира најнормално затоа што е врвно изработен продукт. Таа беспрекорно даваше резултати за излезноста на секои пет минути. Но, страницата на Државната изборна комисија, каде беше поставена нашата апликација, беше цел на хакерски напад. Ние успешно ја завршивме работата. Доколку не постоеше оваа апликација, тогаш резултатите ќе се броеја рачно – вели Александар Пајковски од „Дуна“.
Пајковски посочува дека апликацијата е подготвувана повеќе од половина година, со низа технички специфичности кои ги немало досега и била изработена по барање на ДИК.
– Нашата апликација е беспрекорна, но интернет страницата беше атакувана преку т.н. софтверски тероризам со сили од повеќе странски држави – посочува Пајковски.
ДИК, иако најавуваше дека резултатите од гласањето ќе бидат соопштени многу бргу, не можеше да го нарави тоа бидејќи падна веб-страната, која и денес не функционира. Според портапаролотна ДИК, Адмир Шабани, тоа е поради тоа што сајтот на Комисијата се работи и се проверува моментот на напад.
– Се детектира проблемот затоа што се претпоставува дека е напад од надвор – изјави портпаролот на ДИК.
Претходно денеска претседателот на ДИК Оливер Деркоски изјави дека нападот е пријавен во Министерството за внатрешни работи лично до министерот и оти очекуваат припадници на полицијата да дојдат во Комисијата. Како што кажа Деркоски, станува збор за хакерски напад од надвор и оти случајот ќе се испитува.
Деркоски во изјава за Телма исто така рече дека не се точни и остро ги демантира информациите што излегоа во јавноста дека една недела пред изборите е склучен договорот за веб-страната на ДИК.
– Тоа може да го проверите на сајтот на Бирото за јавни набавки, како одеше тендерската постапка и како се заврши таа постапка. На два пати беше распишуван тендер и исто така сакам да потенцирам дека сегашната набавка ја симна цената за набавка на ваква софтверска апликација од постојните четири и пол милиони денари кои ги плаќала ДИК во изминатите десет изборни циклуси, за скоро милион денари – рече Деркоски.