„Долу на диктатурата“ извикуваа Кубанците на првите масовни протести во државата

Илјадници граѓани протестираа на повеќе локации во Куба, нешто што ретко се забележува во комунистичката земја, пренесе Франс прес.
„Слобода!“ и „Долу на диктатурата!“ скандираа демонстрантите, револтирани од економската криза, која се влоши од пандемијата на новиот коронавирус.
„Куба не си ти!“, извикуваа лицата што протестираа, собрани пред една од канцелариите на Кубанската комунистичка партија – единствената политичка сила во земјата.
Протестите беа пренесувани во живо на социјалните мрежи, во Куба, во принцип, единствените дозволени собири на луѓе се митинзите на владејачката Комунистичка партија.
Неколку стотици луѓе протестираа на познатиот крајбрежен булевар Малекон во главниот град Хавана.
Неподготвени од спонтаните демонстрации, властите изразија подготвеност да ја одбранат познатата кубанска револуција на комунистите „по секоја цена“, па кон средината на вчерашниот ден интернетот беше прекинат во голем дел од земјата.
Претседателот Мигел Дијаз-Канел ги повика граѓаните кои се вистински револуционери да излезат на улиците каде што се случуваат „овие провокации“.
„Кубанската револуција, ние ќе ја браниме по секоја цена!“, порача заменикот министер за надворешни работи Херардо Пеналвер на Твитер. Тој на социјалната мрежа сподели видео во кое приврзаниците на Комунистичката партија скандираат „Јас сум Фидел!“, веејќи кубански знамиња.
Соединетите американски држави веднаш реагираа. Советникот за национална безбедност на претседателот Џо Бајден, Џејк Саливан ги повика кубанските власти да не користат сила против „мирољубивите демонстранти кои ги практикуваат своите универзални права“.
Кубанскиот претседател призна дека неговите сонародници не се задоволни од недостигот на храна и лекови и скоро секојдневните прекини на електричната енергија. Во исто време, тој ги обвини Соединетите држави дека ги користат своите агенции за да плаќаат „контрареволуционери, платеници“ за организирање на овие протести.