ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Додик сослушан за тоа од каде му е иконата која одамна била украдена од Украина

Претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик денес се јави во Обвинителството на БиХ во Сараево, а според локалните медиуми, со цел да сведочи како дел од истрагата за сомнителното потекло на иконата поклонета на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Додик се обиде да влезе во седиштето на Обвинителството на БиХ, каде што помина околу еден час, незабележан од спореден влез, но медиумите сепак го регистрираа и за тоа опширно известија.

Додик е главниот актер во аферата Икона бидејќи на 14 декември минатата година на рускиот министер Лавров, за време на неговата посета на БиХ, како личен подарок му врачи икона за која се покажало дека уште во дваесеттите години на минатиот век е евидентирана како сопственост на Украина.

Прашањето како иконата стигнала до БиХ останува без јасен одговор, а Додик понуди објаснување дека во земјата таа била во сопственост на едно семејство чиј член му ја подарил нему.

„Не го знам ниту името на човекот кој ми ја подари иконата, само помислив дека тоа може да биде убав гест“, е објаснувањето што јавно го понуди Додик, избегнувајќи јасно да одговори на бројни прашања. Неговата основна теза е дека ова уметничко дело не може да биде сопственост на Украина бидејќи не постои никаков документ што го докажува тоа, но украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба остро реагираше порачувајќи дека Додик лаже и дека иконата е украинска.

Рускиот министер Лавров на 24 декември минатата година ја врати иконата во амбасадата на БиХ во Москва, инсистирајќи точно да се утврди кој е законскиот сопственик на иконата, а од Украина дошло барање во БиХ да се спроведе истрага за тоа.

По тој повод, украинскиот амбасадор во БиХ Василиј Кирилиќ се состана со главниот обвинител на Обвинителството на БиХ Гордана Тадиќ во Сараево во јануари, по што Обвинителството и официјално отвори истрага.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.