Договорот од Преспа „ги тенчи“ грчкиот и македонскиот долг
Грција веќе економски профитира по ратификувањето на Договорот од Преспа, откако доверителите позитивно реагираа на вестите од Атина. Македонската државна обврзница сѐ побарана меѓу инвеститорите
Инвеститорите засилено ги купуваат македонските државни обврзници по ратификацијата на Договорот од Преспа, пишува агенцијата Ројтерс. И трошоците за десетгодишното задолжување на Грција паднаа на најниско ниво во последните четири месеци во понеделникот, во првичната реакција на берзите откако парламентот во Атина го ратификуваше Преспанскиот договор во петокот, со што беше ставен крај на 28 годишниот спор за името со соседна Македонија. Дополнително, крајот на спорот ѝ го отвора патот на Грција и за издавање на петгодишни обврзници со пониска каматна стапка.
Македонската државна обврзница во понеделникот ја достигна највисоката вредност во последнава година, со раст од 3,5 проценти само во последните десет дена.
„Македонија е кредит кој се движи во вистинска насока“, вели за Ројтерс Марк Даудинг, менаџер во Фондот „Блу Беј Асет менаџмент“.
„По Договорот, многу скоро ќе ја видиме земјата во НАТО и кандидат за членство во ЕУ“, вели тој.
И други аналитичари, како Триу Фам од ИНГ банката прогнозираат дека македонските обврзници во наредниот период би можеле да носат уште профит.
„Во наредниот период нѐ очекува позитивен моментум со потпишувањето на Протоколот за членство во НАТО и позитивни изјави за почеток на преговорите за членство кон средината годината“, вели Фам.
Македонија профитира на светските пазари и од падот на каматата на државната еврообврзница која доспева во 2025 година. Во понеделникот таа падна на најниско ниво во последната година – 2.51 проценти. Оваа еврообврзница беше издадена во 2018 година со камата од 2.75 проценти на период од седум години. Вкупната вредност на таа еврообврзница беше половина милијарда евра.
Агенцијата Ројтерс оценува дека одлуката на парламентот во Атина ѝ го отворил патот за враќање на грчката Агенција за менаџирање на долгот на пазарите со петгодишна обврзница.
„Во глобала, Грција има добра ликвидност, но секогаш е добра вест кога издавач како Грција е во можност да влезе на пазарот“, вели економскиот стратег Даниел Ленц, алудирајќи на последниот договор со еврозоната за пакет за помош, што значи дека земјата не е под притисок да собира средства во блиска иднина.
„Сите се и натаму загрижени за долгорочниот кредибилитет на Грција, но новиот договор сега ќе покаже дека земјата е на вистинскиот пат за идниот развој“, вели Ленц.
Каматата на 10 годишниот грчки долг падна за 1.5 поени на 4.05, што е најниско од септември минатата година.
Каматата на петгодишната грчка обврзница остана непроменета на 3.04 проценти, но тоа не е далеку од најниското ниво од 2.98 во последните шест месеци.