Договорија ли СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ нова амнестија?
Ќе има ли втора амнестија преку измени во Кривичниот законик, која ќе опфати дел од обвинетите во предмети на Специјалното јавно обвинителство? Во Собранието денеска треба да се гласаат измени на Кривичниот законик по брза постапка. Измените може да задираат и во членот со кој се предвидуваат казни за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Иако од власта велат дека измените нема да имаат влијание врз предметите на СЈО, сепак голем дел од обвинетите во предмети на Специјалното јавно обвинителство се товарат за ова кривично дело. Со измените одговорност ќе има само за оние функционири кои со прекршување на законот оствариле „имотна корист“, а освен тоа ќе се намалат и предвидените казни.
Од СЈО велат дека не се вклучени во меѓупартиските преговори за измена на членот 353 од Кривичниот законик, кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластувања.
„Од она што ние го знаеме, интенцијата е поблаго одмерување на казните, а не измени со коишто ќе се влијае на постапките на СЈО или застарување на предметите на СЈО коишто се однесуваат на злоупотребна на службената должност“, изјавија од таму за ТВ24.
Сепак, ако се намали предвидената казна со тоа се намалува и рокот во кои кривичните дела застаруваат. На тој начин може да куртулат дел од обвинетите на СЈО, кои се гонат по овој член.
Собраниската седница на која ќе се разгледува овој закон почнува денеска во 14.00 часот. Во јавноста се шпекулира дека овие измени се дел од политичкиот пазар за спас на дел од обвинетите на СЈО, како би се изгласале уставните измени. Меѓу обвинетите за злоупотреба на службена должност е пратеничката Елизабета Канческа Милевска, но и бизнисменот Сеад Кочан, за кого лобира пратеникот Зеќир Рамчиловиќ.