ДИК ја избра фирмата за апаратите за отпечатоци од прсти за локалните избори
ДИК ја избра германската компанија Дермалог за набавка на техничката опрема за гласање со отпечаток од прст на претстојните избори. Даштевски вели дека оваа компанија понудила најдобри апарати, но во тек е рокот од 10 дена во кој останатите три фирми имаат можност да поднесат жалби.
До завршување на тој рок, продолжува постапката. Се надевам дека ќе заврши и тоа како што треба, бидејќи тоа не е во наша надлежност и дека сме еден чекор поблиску до остварување на нашето мото еден гласач еден глас, истакна претседателот на Комисијата.
Ако се тече според планот Даштевски вели дека до средината на октомври се ќе биде подготвено за Македонија за прв пат да одржи избори со биометриска идентификација на гласачите и без можност за злоупотреби и семејно гласање. Но ако во овие 10 дена бидат прифатени жалбите на останатите три компании кои учествуваа на тендерот, тогаш време за подготовка ќе нема. Изборите ќе треба или да одложат или да се спроведат без вакви апарати.
Првиот човек на ДИК уверува дека целиот процес на гласање ќе биде безбеден по однос на личните податоци на граѓаните.
Податоците ќе се внесат од страна на МВР и после ќе се вратат назад така што не можат да бидат злоупотребени бидејќи ние не купуваме компанија, купуваме опрема. Опремата е во наша сопственост. Испораката ќе биде на два пати. Првиот пат ќе биде околу пет отсто, некаде околу 200 апарати и ќе биде извршена обуката. И после тоа остатокот само да се наполни, за што ќе треба неколку дена. Повторно не би зборувал зошто не е завршена постапката, рече Даштевски.
Набавката на вакви терминали е предвидена и со последните измени на Изборниот законик, според кои сите над 3000 избирачки места треба да добијат ваков апарат. Гласање со отпечаток на прст спроведуваат над 50-тина земји.