Дескоска: Очекувано е Мицкоски да не знае право, но има и лоши советници
Десет дена пред распуштање на Парламентот, власта и опозицијата ни чекор поблиску до усогласеност за новото решение на Законот за јавно обвинителство. ВМРО ДПМНЕ нема намера да поднесе амандмани. Напротив, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски го повика Министерството за правда да ги преточи во амандмани сите забелешки добиени од експертите на јавната расправа. Министерката за правда Рената Дескоска за Алсат вели дека правниот тим околу Мицкоски го доведува опозицискиот лидер до незгодна ситуација.
„Мицкоски како инженер не е должен да знае, но неговите правници треба да му објаснат дека правна катастрофа е ако се внесат сите забелешки од експертите, од кои некои се противречни меѓу себе“-изјави Рената Дескоска – министерка за правда.
И покрај укажувањата на меѓународната заедница за важноста на Законот, опозицијата е на став дека доколку не се прифатат забелешките, подобро е Законот воопшто да не се донесе.
„Да барате да се носи закон каде што покрај сегашното одделение за криминал и корупција, каде ќе додате само еден збор и ќе направите ново, буквално со истите ингеренции и каде што ќе предвидите сите од она СЈО, ќе ги ставите внатре, е во крајна рака небулозно. И притоа да има финансиски буџет, неколкупати поголем од сите останати во однос на вработените во обвинителството. Каква порака праќаме во однос на владеењето на правото и правната држава? Ако тоа треба да биде репер како треба да се развива државата, тогаш е подобро да не се носи ова законско решение“-рече Игор Јанушев – генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Утре, работната група составена од претставници на парламентарните партии и експерти треба да ја усогласат верзија на Предлог закон, која подоцна формално ќе се поднесе во Собрание. Усогласеноста е неопходна, оти Законот се носи со двотретинско мнозинство. Министерката Дескоска првично ги повика партиите да достават амандмани до вчера напладне, но дел од нив побарале пролонгирање, поради процесот Жан Моне кој се одржа во Собранието. Досега, за Алсат само Алијанса за Албанците потврди дека доставиле осум амандмани на законското решение по и – меил.