ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Декларацијата за Гоце Делчев не доби поддршка

Декларацијата за Гоце Делчев предложена од ВМРО-ДПМНЕ не го помина првиот собраниски филтер. Пратениците од мнозинството не дадоа поддршка за текстот во Комисијата за надворешна политика. Претседателот на опозициската партија, Христијан Мицкоски повика СДСМ да каже со што точно од Декларацијата не се согласува.

„Не знам зошто му е туѓо на Ковачевски да постигнеме национално единство. Ако барем се договорени шверцерски со Бугарија, тогаш тоа треба јасно да го кажат уште сега. Затоа што идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ таков шверцерски договор нема намера да почитува“, рече Мицкоски.

Од Бихаќка пак, повторија дека Декларацијата е политичко подметнување од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се продлабочат поделбите кај македонскиот народ.

„Делото на великанот на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев и неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност не заслужува ваков потценувачки однос. Гоце Делчев не заслужил да биде сведен на политичка декларација и тоа поднесена од партија која ги слави историските личности кои биле против Делчев, против неговите дела и вредности“, наведуваат од СДСМ.

Во меѓувреме, францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер го охрабри раздвижувањето на преговорите.

„Ставот на Франција е јасен и не е нов. Истиот став го делат и сите европски институции, а тоа е – безрезервна поддршка за отворање колку што е можно побрзо на претпристапните преговори и за Северна Македонија и за Албанија“, рече Сирил Бомгартнер – амбасадор на Франција.

Бугарскиот амбасадор во Албанија, Момчил Рајчевски пак, истакна дека Бугарија останува поддржувач на проширувањето на Унијата со земјите од регионот.

„За нас Албанија го заврши неопходното и сме подготвени да дадеме поддршка во моментот кога ќе има решение во европското семејство државата да продолжи по патот“, изјави Рајчевски.

Инаку, отворените политички прашања, меѓу експертите од министерствата за надворешни работи од двете земји, ќе бидат дискутирани идната седмица во Скопје.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.