Два институти се затворени поради нерегуларности, а во тек е постапка за уште три – вели Јаневска
Што се однесува до универзитетите, министерката рече дека Државниот просветен инспекторат постојано работи и дека кај дел од нив процесот е сосема при крај и е почната постапка за наплата на казни на рецезентски комисии, декани и ректори
Откако во неделното интервју за РСЕ соопшти дека на три универзитети се констатирани нерегуларности, министерката за образование и наука, Весна Јаневска денеска изјави дека неправилности има не само на универзитетите, туку и во институти, од кои два се затворени.Министерката не сакаше да открие за кои два институти станува збор, но кажа дека процесот е комплетно завршен, а во моментот се водат постапки во уште три институти, кои се очекува да завршат.
„Процесот на затворање на два институти е комплетно завршен, продолжува во овој момент најверојатно во уште три, но и тоа треба да заврши и ќе добиете информација. Дозволете да ги затвориме и, како што кажав, транспарентно ќе објавиме“,
рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање при посетата на средното општинско училиште „Коле Нехтенин“ во Штип по повод неговото трансформирање во регионален центар за средно стручно образование и обука.
Што се однесува до универзитетите, министерката рече дека Државниот просветен инспекторат постојано работи по сите пријави кои стигаат до нив и досега се утврдени одредени нерегуларности кај некои од нив.
Кај дел од нив, додаде таа, процесот е сосема при крај и е почната постапка за наплата на казни на рецензентски комисии, декани и ректори.
Прашана за универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Јаневска рече дека таму е извршена една контрола и дека во моментов се чека извештајот.
„Битно е дека сите универзитети без исклучок ќе го поминат овој процес и секаде каде што ќе бидат завршени процесите, јавно и транспарентно ќе бидат објавени резултатите“,
кажа министерката за образование и наука.
Јаневска во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), емитувано во неделата, откри дека нерегуларности се констатирани на Тетовскиот универзитет, на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид и на универзитетот во Струга.
„Имаме нелегален избор на двајца наставници на Тетовскиот универзитет и таму инспекцискиот надзор сè уште трае. Имаме проблеми на универзитетот ‘Апостол Павле’ и таму се утврдени нерегуларности. Имаше сериозен проблем на универзитетот во Струга, таму го затворивме смерот за медицински науки. Тоа се повторно процеси коишто траат и кои сè уште се во фаза на анализа затоа што и Законот за просветна инспекција дава одредени насоки како треба да се работи. За некои пропусти се вели дека треба да се отстранат во одреден рок, потоа Државниот просветен инспекторат оди да провери дали се отстранети или не се… Затворивме два научни институти и мислам дека во брзо, во најскоро време, ќе затвориме уште два“,