Два дена пред почеток на расправата за уставни измени – двотретинското мнозинство неизвесно

Ќе ги добие ли власта двата пратенички гласа од БЕСА за измени во Уставот? Барањата од партијата на Билал Касами ден пред почетокот на клучната фаза, ќе се најдат на маса пред правни експерти од Владата. На средбата помеѓу функционери на БЕСА и владини претставници е предвидено да се утврдат позициите за условите кои ги испорача партијата.
Во текот на утрешниот ден како што веќе објави ТВ 24 Заев ќе се сретне и со Села за да ги слушне и нивните одлуки. Бришење на терминот македонско од државјанството во документите на албански јазик, како и прецизирање на сите етнички заедници во дијаспората се двете клучни барања со кои БЕСА го условува гласањето за уставните измени. Освен во делот на државјанството и дијаспората, партиите од албанскиот блок бараат албанскиот јазик да е втор службен јазик и етничката заедница да е дел од Преамбулата.
Дел од осуммината исклучени пратеници за ТВ 24 велат дека нема да гласаат ако власта ги прифати овие барања, особено доколку терминот „македонско“ се избрише од документите, бидејќи тоа е спротивно на гаранциите за јакнење на идентитетот. Дел пак не гледаат ништо спорно доколку помалите етнички заедници се најдат во делот на дијаспората.
Расправата во Собрание започнува во среда и според најавите ќе трае многу кратко поради отсуството на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Според досегашните позиции на пратеничките групи и барањата од албанскиот опозициски блок, двотретинското мнозинство на власта се уште и е неизвесно.