Дачиќ: „Северна Македонија го призна Косово за да му се доближи на Западот“
Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ кажа дека Македонија ја признала независноста на Косово само за да му се приближи на Западот.
Тој додаде дека „не држи аргументот“ на новоизбраниот претседател Стево Пендаровски дека тоа било направено поради Албанците кои живеат во земјата.
Тој за телевизијата Пинк, коментирајќи ја изјавата на новиот македонски претседател дека независноста на Косово била призната „согласно стратегиската ориентација, но имајќи го предвид и ставот на граѓаните од албанската заедница, која е втора по бројност во Македонија“, кажа дека тоа било направено само поради стратегиската ориентација, а не поради Албанците.
„Не држи аргументот дека го признаа Косово поради Албанците, бидејќи како Црна Гора го призна Косово кога Србите се втора национална заедница по бројност? Каде е тука принципот?“, кажа Дачиќ.
Тој истакна и дека сите земји од регионот кои го признаа Косово тоа го направиле за да му се доближат на Западот.
„Со тоа покажаа дека нивната стратегиска ориентација не е разбирање на проблемот со кој се соочува Србија“, истакна тој и додаде дека Македонија била некоректна кон Србија, иако Србија нѐ призна како Република Македонија, иако тоа беше спротивно на нејзините стратегиски определувања, а тоа е пријателството со Грција.
Додаде и дека Македонија не возвратила добро на тоа, бидејќи го признала Косово, но и покрај тоа Србија не го повлекла признавањето и поради тоа имала „различни фази во односите со Грција“.
„Се покажа дека згрешивме, бидејќи Македонија сега се вика Северна Македонија. Да бевме во право, таа ќе останеше Република Македонија“, заклучи Дачиќ.