Дали топлото време ќе го убие коронавирусот?
Ако се однесува како инфлуенца, пролетта навистина носи добри вести, со тоа што не треба да се заборава дека на половина од планетава допрва доаѓа зима. Бонус добри вести има за жените кои треба да му кажат фала на својот дупли икс хромозом.
Ако SARS-CoV-2 се покаже сличен на вирусот на грип, покачените температури ќе ги убијат патогените и ќе спречат ширење на болеста Ковид-19. Така ќе му помине сезоната, како на стандардна годишна сезона на гриповите кои се повлекуваат со повлекување на зимата.
Само што рано е тоа да се каже бидејќи освен тоа дека е пренесен од животни на луѓе, за новиот вирус не се знае многу.
Вирологот Томас Пичман вели дека во моментов не може да се предвиди траекторијата на вирусот бидејќи „зборувајќи искрено, ние сè уште не го познаваме тој вирус.“ Пичман е молекуларен виролог од Хановер кој е експерт за РНК вируси во кои спаѓаат коронавирусите и хепатит Ц.
Да знае да зборува, нашиот организам би дал сличен одговор „да е грип, ќе знам што -како, се имаме тепано порано, ама ова првпат го гледам.“
Ладното време им одговара на вирусите слично како што на храната ѝ одговара да е во фрижидер за подолго да трае. Тоа особено важи за респираторните вируси кои сакаат ладно бидејќи се обвиткани со липиди, односно масти кои не се отпорни на високи температури и во такви услови се разградуваат.
На сличен начин им одговара и сувиот воздух.
„Во студено и вообичаено суви зимски денови, малите капки кои во себе го носат вирусот можат подолго да останат во воздухот отколку кога влажноста на воздухот е висока,“ објаснува Пичман.
Според досегашните ефекти на коронавирусот, жените се во генетска предност. Кај нив смртноста е 1,7% наспроти 2,8% колку што е кај мажите.
„Некои од гените кои се релевантни за препознавање патогени се вградени во X хромозомот. Жените имаат два додека мажите само еден,“ вели вирологот додавајќи дека во борба против вирусите, на жените им помага и естрогенот.
И додека северната хемисфера своите надежи ги полага во доаѓањето на пролетта, СЗО соопштува дека вирусот е стигнат и во Бразил а Австралија засега има 20 заболени. А таму, на јужната хемисфера, допрва ја чекаат својата зима.