Дали новите патарини ќе повлечат поскапување на транспортот?
Новите патарини на автопатите ќе ги вивнат цените за транспорт во земјава, реагираат транспортерите. Велат зголемувањето на акцизата лани, како и дополнителните давачки за патарина, веќе ќе мора да ги вкалкулираат во цените, што може да предизвика бран на поскапувања.
„Тоа ќе влијае на сите, но најмногу ќе се зголемат трошоците на транспортерите кои вршат внатрешен превоз во државава, како и на тие кои превезуваат до соседните земји. Зголемувањето на акцизите лани, сега новите патарини, тоа ќе мора да го вкалкулираме во цените по кои превезуваме. Посебно бидејќи два пати плаќаме за одржување на патишта, при регистрација и со патарините.“ – вели Билјана Муратовска од „Макамтранс“.
Јавноста и социјалните мрежи се преплавени со реакции откако надлежните информираа дека наредната недела се пушта патарината на автопатот Демир-Капија Смоквица која ќе чини 100 денари.А од наредната година ќе има уште една патарина на овој автопат која ќе чини 80 денари, како и две нови на автопатот Штип-Миладиновци кои ќе бидат по 50 и 70 денари.
Според пресметките од следната година граѓаните кои ќе патуваат од Скопје до Штип и назад ќе треба да платат 320 денари само за патарини. А тие пак кои летово ќе патуваат од Скопје до Богородица, само за патарини ќе треба да платат 280 денари во еден или вкупно 560 за во двата правца. Надлежните пак убедуваат дека македонските граѓани плаќаат најниска цена по километар за патарина во регионот.
„Патарините се влезени преку ЕБОР за изградба во 2014 година, значи не се од оваа година. Биле предвидени но не било отпочнато, не било дадоно дозволи за градби, немало експропријации и икс други причини. Значи не ги измисливме ние и мислам ако ги проверите податоците од нашето опкружување ќе видите дека ние и Србија, а тие од вчера ги покачија, откако ние ги намаливме, имаме најниски цени по километар за патарини“ – вели Китанов.
Китанов смета дека во корист на граѓаните е тоа што моторџиите ќе плаќаат пониска патарина, попустот предвиден со електронските картички и намалувањето на цените за плаќање во евра. Така во наредниот период е предвиден попуст за плаќање со електронски картички, така што присамото надополнувањеза суми од 301 до 10.000 денари попустот ќе биде 2 проценти, а за сума над 300.001 денар попустот е 7 проценти. Така на пример за надополнување од 1.000 денари, граѓаните ќе имаат попуст од 20 денари.