Дали Европа е блиску до војна?
Полска предупредува дека Европа е поблиску до војна од кога било досега во последните 30 години.
Ова е ставот на полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау. Тој ова го изјави за време на третата рунда дипломатски разговори оваа недела, чија цел беше да се смират тензиите поради барањето на Русија никогаш да не и се дозволи на Украина да влезе во НАТО, пренесува Ројтерс.
Полскиот министер посочи дека најопасниот конфликт во областа на ОБСЕ во моментов е во Украина и дека неговата прва посета како претседавач со ОБСЕ ќе биде токму во таа земја.Рау се изјасни за продолжување на дијалогот, но рече дека консензус може да се постигне само со почитување на меѓународното право.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска повтори дека ЕУ го поддржува интегритетот и територијалниот суверенитет на Украина и ја предупреди Русија да не презема чекори кои дополнително ќе ја загрозат стабилноста и безбедноста на таа земја.
Борел од Брест, во Франција, каде се одржува неформален состанок на министрите за безбедност на ЕУ, ги отфрли шпекулациите дека ЕУ е исклучена од разговорите што САД и Русија ги почнаа за безбедносните прашања на европскиот континент, фокусирајќи се на деескалација на тензиите во и околу Украина.