ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

ГРЧКАТА КОМПАНИЈА „ЕЈЏИЈАН ЕРЛАЈНС“ ОД 29 НОЕМВРИ ГО УКИНУВА ЛЕТОТ СКОПЈЕ-САРАЕВО

Грчката авиокомпанија „Ејџиан ерлајнс“ од 29 ноември ќе ги прекине летовите меѓу Скопје и Сараево, нешто повеќе од една година по воведувањето на летот меѓу двата града. Авиокомпанија првично планираше да го одржува летот трипати неделно во ноември и декември и двапати неделно од јануари 2025. Потоа планираше летови до 7 декември, со ограничена работа за време на празничниот период од крајот на декември до почетокот на јануари, но сега ги укина сите летови од крајот на ноември.

Продажбата на билети на линијата за летната сезона во 2025 година исто така е прекината. Авиокомпанијата не ја коментираше својата одлука да ги прекине летовите.

„Ејџиан“ почна да лета од Скопје до Сараево на 2 октомври 2023, користејќи го правоти на таканаречената „петта слобода“ што на компаниите регистрирани во ЕУ им дава можност да одржуваат летови надвор од нивните матични земји. Летовите беа со авион од типот „АТР72-600“ на нивната регионална компанија „Олимпик ер“, три пати неделно, секој понеделник, среда и петок. Летот на „Ејџиан ерлајнс“ овозможи Скопје и Сараево да се поврзат со редовен авиопревоз првпат по 13 години, кога линијата ја одржуваше сега веќе непостоечката „БХ ерлајнс“.

„Ејџиан ерлајнс“ лани аплицираше за програмата за субвенционирање на македонската влада за воведување нови линии од Скопје, но се повлече откако тендерот беше прогласен за неважечки. Таа не учествуваше на подоцнежниот владин јавен повик.

Грчкиот авиопревозник планира дополнително да го намали и бројот на летови на линијата Атина-Скопје. Од декември, ќе има три лета неделно меѓу двата града, што е за пола помалку од шест неделно минатата зима.

Бројот на патници на Скопскиот аеродром континуирано се намалува веќе неколку месеци. Според последните објавени податоци, во јули годинава, Скопскиот аеродром имаше 296.861 патник, што е намалување од 5,5 отсто во споредба со истиот месец лани.

Ова намалување најмногу се должи на намалувањата на капацитетот и мрежата на „Визер“, што држи над 50 проценти од воздухопловниот пазар на македонските аеродроми.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.