Груевски „уловен“ на брод на Дунав
Откако пребеганиот екс премиер, Никола Груевски, беше уловен од унгарски новинар кој се обидуваше без успех да му извлече одговори на неколку прашања, истиот ден Груевски бил виден на брод во Дунав. Новинарот Балеж Цеко на својот твитер акаунт објави фотографија од Груевски кој присустувал на прием на брод. Тој таму се наоѓа во друштво со неколку мажи, чиј идентитет не е откриен.
Според редакцијата на порталот „444“ Груевски присуствувал на бизнис настан наречен „Будимпешта бизнис забава“.
Тој претходно дента се сретнал со заменик државниот секретар во унгарското МНР, Иштван Јо, во стан наводно во сопственост на двајца кинески државјани. Од Министерството за надворешни работи на Унгарија во одговор до порталот за средбата изјавиле дека нема ништо невообичаено вработен од МНР да биде во контакт со човек кој бил долгогодишен премиер на својата земја.
Според порталот станот во кој се сретнал Груевски со унгарскиот функционер е стан кој жаргонски се нарекува К-стан. Овој тип на недвижнини се наменети за тајни средби, односно се користат за изнајмување на државни безбедносни агенции или за спроведување на оперативни акции.