Груевски останува без плата, Џафери гласаше воздржано
Пратеничката плата повеќе нема да стигнува на сметката на Никола Груевски. Со 53 гласа „за„, мнозинството ги изгласа законските измени со кои, на пратеник осуден на затворска казна над шест месеци, му се одземаат сите привилегии. Но, владејачката коалиција нема единствен став за ова. Собранискиот спикер беше воздржан.
Партиските колеги на Груевски реагираа дека законот е противуставен, затоа што пратениците уживаат имунитет, а нивните права се регулирани со член 64 од уставот и не можат да се менуваат по потреба.Велат дека има други механизми за решавање на овој проблем, почнувајќи од кратење на платата па до одземање на мандатот, но дека владата ужива да покажува моќ.
Предлагачите не се согласуваат со ова толкување. Сметаат дека овој член од Уставот остава можност, платата на пратениците да се доуреди со закон.
Никола Груевски е осуден на две години затвор во предметот „Тенк“ на СЈО. Тој избега од Македонија во средината на ноември, но редовно ја добиваше пратеничката плата.Судејќи според реакциите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, последниот збор за ова ќе го има Уставниот суд.