Граѓаните и стопанството ќе имаат бенефит од владината помош за отплаќање на дел од неплатени обврски на локалната самоуправа
Денеска во Медија центарот на Владата на Република Македонија се одржа прес конференција на којашто се обратија Министерот за финансии, Драган Тевдовски, Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи и
градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Министрите и градоначалниците дадоа поширок осврт за позитивните апсекти
од новата мерка планирана во ребалансот на Буџетот за финансиска поддршка од 3 милијарди денари за покривање на заостанатите долгови на општините односно 51% од пријавените обврски како и за заштитните механизми предвидени во Законот
за финансирање на единиците на локална самоуправа со кои ќе се воспостави ред во планирањето на општинските буџети.
„Граѓаните и стопанството ќе имаат бенефит од владината помош за отплаќање на дел од натрупаните, а неплатени обврски на локалната самоуправа. Граѓаните ќе можат непречено да ги добиваат општинските услуги. Фирмите ќе може да наплатат дел од своите побарувања, со што ќе се зголеми ликвидноста на стопанството. Владата ќе активира и заштитни механизми, за да не се трупаат нови долгови“, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски.
Министерот Тевдовски рече дека во Министерствто за финансии беа затекнати многу наследени проблеми и последици од недомаќинското работење со јавните финансии изминативе години. Посочи дека главна причина за натрупувањето на неплатени, а доспеани обврски кај општините е нереалното проектирање на буџетите чии приходи биле проектирани нереално високо заради што преземале обврски кои потоа не можеле да се платат. Министерот рече дека Владата воведува механизми со кои ова ќе се спречи во иднина.
Минситерот Фазлиу зборуваше за најавените измени на Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и рече дека доколку буџетот не биде подготвен во согласност со овие измени нема да биде впишан во трезорот на Министерството за финансии.
Градоначалниците на општините Битола, Тетово и Гевгелија, Наташа Петровска, Теута Арифи и Сашо Поцков зборуваа за важноста на ваквата финансиска поддршка на Владата на Република Македонија, за редот којшто се воспоставува во планирањето на општинските буџети и за отворањето на фискален простор со кој општините ќе можат полесно да планираат и реализираат развојни проекти во интерес на граѓаните.