Гледал корупција, не реагирал, а сега сака да биде антикорупционер. Кој се’ се мести за борба со корупцијата?
Ниту дисциплинската постапка против него дека како обвинител не постапил во случајот за 27 април, не го спречи обвинителот Златко Биковски да конкурира за антикорупционер. Тврди дека како обвинител имал обиди за влијанија од пратеници, но не пријавил зошто не ги перципирал така, туку како „интересирања“. А знаел и дека Сашо Мијалков и неговиот претпоставен – тогашниот прв обвинител Јован Илиевски се во роднинска врска, но не сакал да шпекулира за судир на интереси. Само констатира дека постоело несоодветно постапување во последниот период, период кога и тој беше обвинител токму во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
„Лично видување е дека е индицирано во изминатиот период дека постоело едно такво несоодветно постапување кое влијаело на предметното работење на обвинителството.“ – изјави Златко Биковски, обвинител.
Биковски е еден од 57-те кандидати кои ги исполниле условите за членови и претседател на новата Антикорупциска комисија, од вкупно 80 пријавени. Денес 15 од кандидатите ги презентираа своите адути – што би направиле доколку станат антикорупционери. Сите ветуваат дека нема да потпаднат под политички притисоци.
„Независно што сум била член на политичка партија и што сум била предлог за извршување на високи државни функции, можам да гарантирам за мојата непристрасност и професионално однесување.“ – вели Тања Алтанџиева, адвокат.
„За мене она што недостасува во нашиот систем е кога некој ќе се открие дека извршил злоупотреба, дека на крај ќе ги врати тие пари кои се злоупотребени. Немаме политичка одговорност.“ – вели Лепосава Апостоловска Видинов, ревизор.
„Треба да заврши времето на фиктивни екипи.“ – вели Нијази Асани, општина Гостивар.
Но, меѓу кандидатите имаше и такви кои не сакаа да коментираат за корупцијата.
„Но, каде што јас работам, корупцијата е на минимална, да не кажам нула. Сум работел надвор од државата, во Швајцарија, девет години и мојата мантална матрица и моите чувства и многу ми се допаѓаше како се работеше таму.“ – вели Нури Бајрами, општина Гостивар.
Сите кандидати до среда треба да ги поминат јавните интервјуа пред собраниската комисија, која потоа треба да ги одбере 7-те члена заедно со претседателот на Антикорупциска. Се очекува на 8 февруари избраните кандидати да бидат ставени на гласање на собраниска седница.