ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Германскиот претседател Штајнмаер испрати јасни пораки велат аналитичарите

Со внимателно одбран вокабулар за чувствата на македонските граѓани, дипломатски прецизно спакуван, но и јасна порака дека уставните измени се патот кон членството на Македонија кон ЕУ.

Ова е оценката на дел од аналитичарите за настапот и пораките кои ги испрати германскиот претседател Штајнмајер во Скопје.

– Мислам дека претседателот се обиде да порача две работи. Едната е дека влезот во ЕУ не значи жртвување на некаков идентитет или некакво национално чувство и мислам дека тоа беше главната порака и неговите цитати се однесуваа на тоа. Но истовремено дека патот кон подобар живот и влез во ЕУ оди преку уставните измени. Тој прати силна политичка порака дека очекува уставните измени да се завршат и се обиде да не охрабри дека емотивната бариера која ја имаме за нив не треба да ни значи премногу. Бидејќи најголемиот дел од претпристапните фондови се отвораат со отворањето на поглавјата, како и реформите, изјави Арсовски.

– Може да биде непријатно и неприфатливо што сугерира промена на нашиот устав, бидејќи тоа не е негова работа, ниту на странците, тоа е чисто македонска работа, меѓутоа има многу позитивни елементи околку најпрво полагањето на венец на гробот на Гоце Делчев, тоа можеа да го избегнат, нели за да не ги вознемируваат Бугарите. Околу нашите великани и пораките за нив итн. И најјасна е пораката дека проширување на ЕУ нема да има, изјави Никоски.

Аплаузите од опозициските пратеници кои ги доби Штајнмајер во македонското Собрание, за разлика од негодувањата и транспарентите со „не“ од опозицијата за време на обраќањето на шефицата на ЕК Фон дер Лајен, според аналитичарите се должат на неговиот инспиративен говор и шарм на голем државник, но не го исклучуваат и притисокот врз опозицијата за уставните измени.

– Мислам дека повеќе се однесува на квалитетот на неговиот говор кој на вистински начин ги адресираше загриженостите на македонските пратеници, па реагираа подобро во емотивна смисла. Истовремено треба да бидеме свесни дека како што поминува времето ние гледаме дека тој процес е реален. И како што ќе поминува времето притисокот врз опозицијата ќе биде поголем, вели Арсовски.

-Сосема различно е кога тука доаѓа и се обраќа во Собранието Фон дер Лајен, шефицата на ЕУ, а сосема е друго кога ќе е тука претседателот на Германија. Наш, народски кажано, душман е Унијата која си игра мајтап со оваа држава веќе 20 години. И кога доаѓа нивниот прв човек ти не можеш поинаку да реагираш отколку да му ставиш до знаење дека доста беше. Германскиот претседател не е ескпониран во таа линија иако Германија има носечка улога во Унијата, вели Никоски.

Пораките од Штајнмајер будно ги следеа и во бугарската јавност. Во тамошните медиуми доминираат насловите од типот „Македонија да го признае бугарското малцинство“ и „Германија ја притиска Македонија да ја признае бугарската заедница“, со акцент на уставните измени кои земјава треба да ги направи.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.