ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Германија под силен притисок да дозволи испраќање на тенкови во Украина, Шолц засега нерешителен

Долгочекуваните разговори во „Рамштајн“ за зголемување на помошта за Украина, започнаа денеска, а централна тема е испораката на тенкови. Синоќешната одлука на Обединетото Кралство да испрати 14 „Челинџер 2“ тенкови во Украина, за Киев е добредојдена, но нив им требаат стотици повеќе.

Шефот на украинскиот генералштаб, Валери Лужњи тврди дека на неговата земја ѝ се потребни 300 тенкови за да ја добие војната. Сојузниците се согласуваат дека тоа не е преголем број, но проблемот е што Украина ги посакува германските „Леопард 2“, на што досега Берлин тврдоглаво се противи. Причините зошто Киев ги посакува токму овие тенкови се очигледни. Овој тип на тенк влегува во служба за време на Студената војна и развиен е токму за соочување со рускиот Т-90, кој во моментов е основниот модел на руската армија.

Вкупно 13 европски армии поседуваат „Леопард 2“ тенкови и во моментов на европско тло има околу 3.000 оперативни тенкови, што значи дека набавката на резервни делови и муниција нема да биде проблем. Многу од овие земји се подготвени да ѝ отстапат дел од овие тенкови на Украина, но за тоа им е потребна претходна согласност од Германија, која ја условува со барањето и САД да испратат во Украина и дел од своите М1 Абрамс.

„На крајот на краиштата, ова е одлука на Германија. Тоа е нивна суверена одлука за тоа каква безбедносна помош ќе пружат. Нема да можам да разговарам со нив, но мислам дека ние секако правиме се што можеме за да ја поддржиме Украина во она што им треба“, изјави Сабрина Синг, заменик-секретар за печат на Пентагон.

Вашингтон не е подготвен на Украина да ѝ го достави својот најнапреден тенк, инсистирајќи дека најновиот „Абрамс“ е тежок за одржување и има погон на керозин, и поради ситуацијата на терен во Украина неговото оперирање би било логистички невозможно.

Непоготвеноста на Германија да преземе поголема улога во помагањето на Украина, ја става под силен притисок од страна на сите сојузници. Дел од западните медиуми тврдат дека состанокот во американската база „Рамштајн“ во Германија, не е само за зголемување на воената помош за Киев, туку и негово подготвување за евентуална пролетна офанзива со цел конечна украинска победа и завршување на војната која следната недела ќе одбележи една година од почнувањето и засега има огромно негативно влијание врз глобалната економија.

Но, германскиот канцелар Олаф Шолц, кој досега тврдоглаво ја следи пацифистичката линија преферирана од Берлин изминативе, речиси, 80 години, е под силен притисок, не само од сојузниците, туку и од своите министри и коалициони партнери. Но, неговата неодлучност е дополнително хранета и од поделеното мислење на германската јавност, за тоа колку всушност земјата треба да се вмеша во Украина. Денешната анкета, според која дури 43 проценти од Германците се против испраќањето тенкови во Украина, наспроти 46 посто, за Шолц е доволен доказ дека Германците го преферираат неговиот претпазлив пристап.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.