Вучиќ: Сакаме мир со Албанците, но јас нема да ја потпишам независноста на Косово
Косово, но сакаме мир со Албанците, сакаме пристојни односи“, порача српскиот претседател
Српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека неговата земја сака да постигне мир со Албанците во Косово и пристојни меѓусебни односи, но како што нагласи, тој нема да ja потпише независноста на Косово.
„Јас нема да бидам тој што ќе ја потпише независноста на Косово. Се срамам да одам низ Србија и да се правдам пред никого. Нема предавање, нема да ја признаеме ниту де факто, ниту де јуре независноста на Косово, но сакаме мир со Албанците, сакаме пристојни односи“,
рече Вучиќ на средбата во Врање, каде што ја започна својата турнеја низ Србија како дел од формирањето на Народното движење за државата.
Геополитичката состојба во Европа и во светот, оцени Вучиќ, е променета подрастично и драматично по избувнувањето на војната во Украина отколку по падот на Берлинскиот ѕид, но додаде дека некои во Србија се преправаат дека не гледаат колку е тешка положбата во која се наоѓа земјата.
Вучиќ изјави и дека зад формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО), што е предвидено со Бриселскиот договор, стои потписот на ЕУ и дека таквата обврска „најверојатно се исполнува“. Претходно, косовскиот премиер Албин Курти ја отфрли можноста за формирање на Заедницата, бидејќи рече дека еднонационални решенија на Косово не се можни.
Вучиќ и Курти на 27 февруари изразија подготвеност да продолжат со спроведувањето на договорот за нормализација на односите, познат како француско-германски план.
Сепак, Вучиќ во повеќе наврати нагласи дека Србија нема да се согласи за влезот на Косово во Обединетите нации, ниту, пак, ќе ја признае неговата независност.