Вучиќ му одговори на специјалниот претставник на Вашингтон: Санкциите би биле целосно неоправдани и неправедни
Претседателот на Србија Александар Вучиќ реагираше на изјавата на специјалниот претставник на Стејт департментот за западен Балкан Метју Палмер.
„Ако е сѐ така како што кажа Метју Палмер, и тоа на Косово каде што очекував дека ќе побара намалување на очекувањата на приштинските власти и дека ќе им укаже на тоа дека е неопходен компромис, се прашувам зошто тогаш да преговараме? За тоа во кој момент да го признаеме независно Косово а тие за тоа да ни ги укинат царините?“, праша српскиот претседател.
Вучиќ одговори и на изјавата на Палмер за кампањата за повлекување на признавањето на Косово.
„Ме изненади фактот што Палмер зборува за агресивна кампања на Србија во однос на повлекувањата на признавањето на независноста на Косово, а никаде не сме прифатиле договор да се откажеме од лобирањето ниту негде тоа сме го потпишале. Ќе потсетам дека лично нудев и едните и другите да ги прекинеме кампањите на признавање и одпризнавање, но Албанците за тоа никогаш не сакаа да разговараат затоа што, според нив, секоја приказна за престанување на кампањата би значело дека тие не се држава. Но за мене е неверојатно тоа што Палмер и Албанците мислат дека само тие имаат свои интереси а дека Србите ги немаат“, истакна претседателот на Србија.
Палмер вчера истакна дека Србија ризикува да ѝ бидат воведени санкции од САД поради купувањето руска воена опрема.
„Не набавивме С-400, а за сѐ останато тие одамна знаат и не мислам дека претставува каков било проблем“, кажа Вучиќ по повод санкциите од САД.
„Ние секако ќе водиме сметка, бидејќи не би сакал на кој било начин кој било во Србија да биде изложен на санкции од страна на најголемата светска сила. Без оглед што тие би биле целосно неоправдани и неправедни“, кажа Вучиќ.