Вучиќ и Путин ќе разговараат в недела – главна тема ќе биде гасниот договор меѓу двете земји
„Верувам дека ќе имам добар и сериозен разговор со Путин за натамошната соработка меѓу Србија и Русија, договорот за гас и сите други прашања“, рече денеска српскиот претседател најавувајќи го разговорот со Путин кој ќе биде во насока на продолжување на гасниот договор меѓу двете земји, а кој истече на 21 мај
Српскиот државен врв, како што оценуваат медиумите во Србија, се чини дека е убеден оти разговорот меѓу Вучиќ и Путин ќе резултира со позитивен договор за снабдување со гас за Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска најави оти в недела ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин во врска со гасниот договор меѓу Србија и Русија, кој истече на 21 мај. Во пресрет на средбата се шпекулира дали и под кои услови Србија воопшто ќе може да набавува нови количини гас од Русија.
„Верувам дека ќе имам добар и сериозен разговор со Путин за натамошната соработка меѓу Србија и Русија, договорот за гас и сите други прашања“,
рече Вучиќ на прес-конференција.
Пред тоа, јавува „Данас“, медиумите и домашната политичка јавност во Србија шпекулираа дека можеби нема да има разговори или дека руската страна намерно ги одложува преговорите за гасот, за да изврши притисок врз Србија да не ги почитува западните санкции кон Русија.
Пред само два дена портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека нема конкретни планови за разговори меѓу Путин и Вучиќ, но дека разговорите може да се одржат доколку биде потребно.
„Тој разговор не е закажан за следните неколку дена, но тоа не значи дека не може да се закаже многу брзо. Знаете дека нашите контакти со Белград се приоритетни, тие се сојузнички, пријателски, па ако треба ќе се разговара“,
рече Песков.
Српскиот државен врв, како што оценуваат медиумите во Србија, се чини дека е убеден дека разговорот меѓу Вучиќ и Путин ќе резултира со позитивен договор за снабдување со гас за Србија, имајќи предвид дека Вучиќ пред неколку дена веќе се договорил со унгарскиот премиер Виктор Орбан за условите за складирање гас во таа земја.
Вучиќ денеска додаде дека очекува важни разговори и посети со други светски претставници од Европа, светот и Руската Федерација, но не прецизира за какви посети од целиот свет станува збор.