Вулин тврди Скопје е центар на разузнавачки служби, Шекеринска демантира
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска одрекува дека во нејзиното министерство роварат разузнавачки структури за кои како што пред неколку денови потпреседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, објасни дека била предупредена од сега веќе НАТО сојузниците да се отстранат ваквите стурктури.
Таа во изјава за “Независен весник” вели дека по добивањето влезница за членство во НАТО, ние самите сме побарале од меѓународните партнери да ни помогнат во спроведување на ветинг-процедурата врз вработените.
“Ниту НАТО ни испратил тим за ветинг, ниту најавиле, ниту писмено или усно некој побарал од нас да разрешиме или да смениме воени лица на функции, кои наводно соработувале со странски, пред се со српските служби”, појаснува министерката Шекеринска.
Николоски претходната недела истакна дека се стигнати насоки од НАТО до армијата, дека во кабинетот на Шекеринска и во Генералштабот на армијата има лица кои се на исклучително високи позиции, а се соработници на надворешни странски служби.
Вчера и српскиот министер за одбрана Александар Вулин ја обвини земјава дека станала центар на разузнавачки активности.
“Скопје стана она што некогаш беше Будимпешта, центар на разузнавачките активности против Србија, простор каде што се обезбедува финансирање и поддршка на шпионите од целиот регион. Цврстиот став на претседателот Вучиќ, дека Србија нема да ја прифати власта на амбасадорите го доведоа да биде постојано изложен на нападите на службите. Скопје стана простор од кој доаѓаат и ќе доаѓаат нападите врз Србија и претседателот Вучиќ#, вели Александар Вулин во изјава за “Вечерни новости# по завчерашната средба на премиерот Зоран Заев со еден од водачите на српската опозиција, Драган Ѓилас.
За средбата во Скопје, од македонската Влада немаше ниту официјална најава ниту соопштение по нејзиното одржување, иако според соопштението на опозицискиот Сојуз за Србија, стои дека Ѓилас во земјава пристигнал на покана на премиерот Заев.
Под насловот “Длабоки врски: Може ли Македонија во НАТО со такво водство во Министерството за одбрана?, порталот “Хрватска данас” уште во септември лани пишуваше дека тогаш челни луѓе во Одбраната се лица со длабоки приватни, семејни, оперативни и политички врски со Србија.