Вулин ставен на црната листа на САД
Директорот на Безбедносно информативната агенција на Србија (БИА) Александар Вулин е ставен на црната листа на Соединетите Американски Држави, објавено е на сајтот на американското министерство за финансии.Како што пишува во објаснувањето, Вулин е вмешан во „меѓународен организиран криминал, нелегална трговија со наркотици и злоупотреба на јавна функција“.
Како што се наведува понатаму, Вулин одржувал заемно корисен однос со српскиот трговец со оружје Слободан Тешиќ, кој исто така е под санкции на САД, помагајќи му неговите нелегални пратки оружје слободно да се движат преку границите на Србија.
„Постапките на Вулин ја унапредија корупцијата во институциите на власта во Србија. Овие дела вклучуваат користење на неговиот авторитет за лична корист, вклучувајќи вмешаност во синџир за трговија со дрога. Тој ги искористил своите јавни позиции за да ја поддржи Русија, овозможувајќи малигно влијание на Русија, со што е намалена безбедноста и стабилноста на Западниот Балкан, а на Русија ѝ е овозможена платформа за понатамошно ширење на своето влијание во регионот“, се наведува на сајтот на американското министерство.
Понатаму се потсетува дека Вулин е директор на БИА, а дека претходно беше министер за одбрана и министер за внатрешни работи. Се истакнува дека овие институции не се мета на санкциите.
„Вулин е означен за одговорност или соучесништво, или директна или индиректна вмешаност во корупцијата на Западниот Балкан, вклучувајќи корупција од страна, во име на други или на друг начин поврзана со влада на некои од државите на Западен Балкан, или сегашен или поранешен функционер на влада во кое било ниво на власта на Западен Балкан, како злоупотреба на јавен имот, експропријација на приватен имот за лична корист или политички цели или поткупување“, се наведува во објаснувањето.