Во Швајцарија и Германија најголем интерес за попишување на иселениците
Досега се попишале 60 илјади македонски граѓани од дијаспората. Најслаб интерес има кај иселениците во Канада и во Австралија.
Над 60 илјади граѓани коишто живеат надвор од Северна Македонија досега се попишале преку онлајн апликацијата. Најголем интерес има во Швајцарија, Германија и во Италија, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Послаб интерес за самопопишување пројавиле иселениците во Австралија и во Канада. По првиот бран, кога дневно се самопопишувале по 7.000 до 8.000 граѓани, надлежните минатата недела укажаа дека е спласнат интересот кај дијаспората и најавија дека ќе започнат кампања со цел да се укаже од важноста на спроведувањето на пописот, кој во земјата за последен пат е одржан пред 19 години.
Најмногу во Швајцарија, најмалку во Канада
Според Османи, најмногу иселеници, или околу 16 илјади, се попишале во Швајцарија, што претставува околу една четвртина од очекуваните бројки. Следни се Германија со околу 10 илјади и Италија со 6.000 попишани иселеници.
Попишувањето на македонските дипломати и членови на конзуларни претставништва завршува денеска, но попишувањето на дијаспората продолжува до 21 април. „Пописот е важна работа, а учеството на дијаспората значи правилно мапирање на дистрибуцијата на нашите граѓани во странство, што е важно за да имаме основа за носење развојни политики врз прецизни податоци, кои ќе бидат од директно значење за нашата дијаспора“, вели Османи.
Во однос на малиот интерес за попишување кај дијаспората, особено во Австралија, Османи вели дека нема информации од Дипломатско конзуларните претставништва, ниту од неговите лични контакти дека некој активно бојкотира или дава отпор за попишување во дијаспората. „Меѓутоа, не можам да исклучам таква можност, зашто не можеме сите наши граѓани да ги контактираме за да го слушнеме нивното мислење“, вели тој. Во врска со проблемите со апликацијата за самопопишување, Османи вели дека проблемот најчесто се јавува кога граѓаните ќе го внесат матичниот број од С. Македонија, а во полето за држава ќе ја напишат државата во која се наоѓаат. Потребно е да напишат „Република Северна Македонија“, бидејќи во спротивно системот не ги препознава македонскиот матичен број во комбинација со друга држава.