Во најсмртоносниот пожар во историјата на Калифорнија досега загинаа 48 луѓе
Во пожарите што беснеат во Калифорнија досега загинаа најмалку 48 лица, со што оваа огнена стихија стана најсмртоносната во историјата на американската сојузна држава.
Најновите податоци за жртвите ги изнесе окружниот шериф Кони Хон, кој додаде дека форензички екипи со кучиња за откривање лешови ја пребаруваат областа опустошена од пожарот во Парадајс, околу 280 километри северно од Сан Франциско.
Најсилниот пожар со име Кемп до вчера уништи површина од 50.000 хектари.
Напорите за пронаоѓање на жртвите се интензивираат по шест дена од избивањето на пожарот кој зафати повеќе од 7.000 куќи и други градежни објекти вклучувајќи го и поголемиот дел на населеното место Парадајс, кое има 27.000 жители.
Хон претходно изјави дека 228 лица се водат за исчезнати, а неговата канцеларија работи на разјаснување на судбината на речиси 1.300 лица за кои се распрашуваат роднини и пријатели.
Повеќе од 5.000 пожарникари и натаму се борат со пожарот кој уништи површина од 505 квадратни километри по избувнувањето минатиот четврток, при што 52.000 луѓе беа принудени да се евакуираат, пренесе агенцијата АП.
Сепак, ослабените ветрови и повисоките нивоа на влажност им овозможуваат на пожарникарите да направат напредок во борбата против огнот, изјавија официјални претставници.
Во Јужна Калифорнија огнот Вулси одзеде два човечки живота и уништи повеќе од 400 објекти, а 200.000 луѓе се евакуирани во планините и во подножјето на планините во близина на Малибу, западно од Лос Анџелес.